Економија
Формирана нова Комора на сметководителите, финансиерите и даночните обврзници
Унапредување на деловното окружување за развој на сметководствено-финансиската и професијата на даночните советници преку промоција, подигнување на професионалните стандарди и соодветно адресирање на предизвиците е фокусот на активностите на новата Комора на сметководителите, финансиерите и даночните обврзници, која е регистрирана и е дел од Сојузот на стопанските комори. За претседател на новата Комора е избран Ромео Костадинов, даночен советник со 30-годишно искуство од областа на економската, финансиската и сметководствената сфера.
„Професионалните сметководители, ревизори и даночни советници се пред постојан предизвик да го следат брзиот развој на технологиите, општествените промени, измените во законските регулативи и сето тоа задолжително да го имплементираат во секојдневното работење на деловните субјекти. Уште позначајно е што на нивните анализи и извештаи се темелат и економските политики на државата. Поради тоа, тие повеќе од голем број други професии во континуитет инвестираат во стручна едукација и професионално усовршување, но сепак претпријатијата што се занимаваат со овие дејности не може реално да го валоризираат трудот што го вложуваат. Комората што ја формираме станува нивниот партнер и поддржувач во унапредување на статутот на овие професионалци и издигнување и раст на нивните бизниси“, истакнува Костадинов, кој е долгогодишен управител во компанија чија дејност претставува даночно советување, организирање семинари за професионално усовршување од економско-финансиска, даноци и сметководствена област.
Комората со целиот свој стручен и професионален капацитет ќе работи на тоа да се наметне како рамноправен партнер на државните органи, образовните центри и другите институции од стопанскиот систем, со цел постигнување унапредување на професијата и постигнување поширок општествен напредок. Исто така, ќе се вклучи и во иницирање рамноправно учество во подготвувањето на законите и другите прописи од сметководствената, финансиската и даночната област, како и во утврдување на стручните ставови и позиции за целисходно вршење на дејностите.
„Акцент на активностите ќе се стави и на почитувањето и следењето на професионалните и на етичките стандарди на кои се темели квалитетот во работата. Паралелно, ќе работиме и на грижата и одбраната на честа и независноста на професијата, поттикнувањето на соработката меѓу членовите на домашно и меѓународно ниво и промоција на услугите и дејностите“, истакнува Костадинов.
Со формирање и дејствување на новата Комора, активностите на Сојузот добиваат додадена вредност бидејќи секторите што се опфатени имаат пошироки импликации во работењето на сите деловни субјекти и воопшто на економскиот и даночниот систем во земјата. Сојузот на стопанските комори на Македонија е најголемата национална деловна организација со 35 стопански комори, секторски, билатерални и регионални и со над 30 групации, здруженија и асоцијации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

