Економија
Хаосот во државата Заев го покрива со тргување со највисоките национални и државни интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ниту граѓаните, ниту државата се должни да ја плаќаат, како што велат, неспособноста на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
„Македонија заради него загуби една година во стагнација во период кога регионот и Европа ја искористија глобалната клима за економски раст. Сега Македонија ги изгуби и првите три месеца од втората година откако Анѓушев има ингеренции во економијата. Затоа Анѓушев од морални причини мора час поскоро да си замине од владата и да го препушти местото на некој што е заинтересиран за економски прогрес на земјава и има капацитет да работи за добро на граѓаните.
Анѓушев и Заев не ги интересира развојот на Македонија, туку развојот на сопствените бизниси.Економското цунами Заев, Анѓушев и Тевдовски ја туркаат Република Македонија кон катастрофа. Неспособни се, немаат визија и не знаат како да се справат со економските предизвици
Извештајот на државниот завод за статистика ја покажа националната катастрофа. Македонија економски пропаѓа. Македонија споредено со сите останати земји во регионот, е убедливо на дното по растот на БДП .
Растот во првиот квартал од 2018 година во соседна Србија и во Словенија е 4,6% или за 46 пати поголем од растот на БДП во Република Македонија. Растот на БДП во Бугарија е 3,5% или за 35 пати поголем од растот на БДП во Република Македонија. Растот во Хрватска е 2,5% или за 25 пати поголем споредено со нашиот раст.
Истовремено поразително е што граѓаните дополнително осиромашуваат. Разочарувачки е бројката од 0,1 отсто раст на БДП кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5 што значи дека граѓаните се посиромашни од минатата година. Одговорност за економското пропаѓање на државата мора да има.
Сиромаштијата и бедата и огромните долгови со кои се соочуваат граѓаните се во постојан пораст. Приватниот сектор и стопанството се пред колапс, 7.000 текстилни работници се пред отказ додека градежништвото се соочува со невиден пад во неговата историја.
Се е во хаос. Не постои сектор кој не е погоден од овие погубни политики. Земјоделието и земјоделците трпат ненадоместливи штети. ИТ секторот е во загрижувачка состојба.Сиот овој хаос, Заев го покрива со тргување со највисоките национални и државни интереси.На ова лудило мора да му се стави крај. Криминалниот картел на Зоран Заев, мора да падне. Република Македонија заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро“ се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.