Економија
Хаос во Лондон – затворени поголем дел од метро станиците поради штрајк
Членовите на синдикатот за железнички, поморски и патен транспорт (РМТ) во Лондон денеска штрајкуваат, поради што настана хаос во британската престолнина бидејќи голем број станици на подземната железница беа затворени.
Синдикатот РМТ побара штрајк поради долготрајниот спор околу вработувањето и пензиите. Според податоците од Градскиот транспорт во Лондон (TFL), девет од 11 станици на подземната железница биле затворени утрово.
Поради проблеми со транспортот, многу работодавци побараа работниците да работат од дома. Сепак, полицијата предупреди и на метеж на патиштата бидејќи луѓето кои не можат да работат од дома ќе се обидат да најдат алтернативен начин да стигнат до своето работно место.
РМТ соопшти дека понудиле да го прекинат штрајкот за време на разговорите, но ја обвинија ТФЛ дека ги отфрлила нивните предлози. Службеникот на ТФЛ, Глин Бартон, рече дека не биле дадени предлози за промени во пензискиот систем или условите за работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.

