Економија
Царовска во Куманово: Покачувањето од 700 денари ќе влезе во основицата на пензиите

Зголемувањето на пензиите во јануари 2020 година, социјалната пензија и други актуелни прашања беа тема на денешната средба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со пензионерите во Куманово. Министерката ги информираше пензионерите за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година, кое ќе изнесува од 860 до 900 денари со пресметаните дополнителни усогласувања.
„Ова е најголемо покачување во последните 12 години. Покачувањето од 700 денари ќе влезе во основица и истото дополнително ќе се усогласи во текот на 2020 со трошоците на живот. Со новото законско решение конкретно, растот на пензиите ќе го следи покачувањето на минималната и на просечната плата во државата. Покачувањето се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата. Системското решение предвидува дополнително зголемување на пензиите освен според растот на БДП, да може да се зголемуваат и според растот на платите. Во години на раст на минимална плата над 15%, и на раст на просечна плата за 5%, ќе има можност за покачување и на пензиите за 5%“, рече Царовска на средбата во Куманово.
Илија Ивановски, заменик-директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, истакна дека пензиите се покачуваат во време кога дефицитот на Фондот за ПИО е намален за 10%, а приходите се зголемуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.