Економија
Царовска и Апостолска: За повеќе од 5.000 лица е зголемен бројот на вработени во компаниите што работат во ТИР-зоните
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, и министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес ја посетија „ВИК груп“, компанија со германски капитал, која во технолошко-индустриската развојна зона во с. Алинци, Прилеп, во 2018 година почна со изградба на фабрика за производство на електрични апарати наменети за употреба во домаќинствата.
Од страна на вицепремиерката Царовска и министерката Апостолска беше оценето дека интензивната динамика на реализирање на инвестицискиот проект на „ВИК груп“ и воведувањето нови производствени линии, со проектирани инвестиции од над 15 милиони евра и долгорочни планови за дополнителни вложувања, зборува за успешните економски политики на Владата и нејзината две и полгодишна посветеност на стабилизирање и зајакнување на деловниот амбинет.
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, потенцира дека владините мерки за поттикнување нови инвестиции од домашни и странски компании и нивен понатамошен раст и развој даваат одлични резултати, при што нагласи дека во изминатите две и пол години бројот на вработени во компаниите што работат во технолошко-индустриските развојни зони се зголемил за повеќе од 5.000 лица, односно од 8.000 вработени во 2017 година, бројот на вработени во компаниите што функционираат во ТИРЗ сега изнесува 13.900 лица.
„Компанијата ‘ВИК груп’ е една од компаниите што се вклучени во процесот на усогласувањето на образованието за потребите на пазарот на трудот. Во генерацијата ученици запишани во 2019 година во програмата за дуално образование во земјата се вклучени 135 ученици, некои од тие изведуваат практична настава во самите компании и навистина се обидуваме заедно со стопанските комори оваа програма да ја прошириме и да даде добри резултати. Заедно со стопанските комори се обидуваме да ги стимулираме сите поголеми компании, кои имаат и реални услови да се вклучат во програмата за учење преку работа и да вклучат што поголем број ученици уште во средното образование“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Министерката Апостолска, зборувајќи за придобивките на оваа инвестиција за Пелагонискиот Регион, истакна дека со финализирањето на целокупниот петгодишен инвестициски проект на „ВИК груп“ планирано е да се отворат над 1.000 работни места, што ветува една долгорочна стабилност за граѓаните на Прилеп и поширокиот регион, за нивната социјална сигурност од аспект на можност за пристап до стабилни работни места.
„Како резултат на стимулативните услови во земјата, на активните владини политики за поддршка на компаниите во делот на инвестициите, на поволниот и предвидлив деловен амбиент за водење бизнис, по првично планираната инвестиција на компанијата од 6 милиони евра во 2018 година, со 60-ина вработени, од компанијата ‘ВИК груп’ одлучија да го прошират инвестицискиот циклус, односно да направат проширување за воведување нов асортиман. Сега, по една и пол година, инвестицијата на ‘ВИК груп’ достигна 13 милиони евра, со можност вкупните инвестиции да се покачат на 15 милиони евра, а во компанијата веќе се вработени над 200 лица“, изјави министерката Апостолска.
Придружувани од генералниот менаџер на „ВИК груп“ за Северна Македонија, Вернер Шоеб, вицепремиерката Царовска и министерката Апостолска посетата на компанијата ја искористија и за обиколка на фабриката и непосредно запознавање со производствениот процес, при што беа информирани за тековните и идните инвестициски активности.
Генералниот менаџер на „ВИК груп“, Шоеб, изјави дека посветеноста и поддршката од Владата во изминатиот период беа клучен елемент оваа компанија да ги зголеми почетните инвестиции и додаде дека оваа компанија ќе продолжи со проширување на своите производствени активности во Северна Македонија.
„ВИК груп“ е германска компанија што се занимава со производство на мали електрични апарати, кои имаат примена во домаќинството. Седиштето на компанијата е лоцирано во Есен, Германија, и во Хонг Конг. Компанијата е основана во почетокот на 50-тите години на 20 век, а освен во Северна Македонија, има свои производствени капацитети во Шенжен, НР Кина, и во Батам, Индонезија, а центарот за иновации, дизајн и развој се наоѓа во Есен, Германија. Од тогаш компанијата има развиено стотици системски решенија и произведени се милиони производи за многу водечки меѓународни брендови. Компанијата глобално вработува околу 6.000 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

