Економија
Царовска и Деспотовски во посета на „Пакомак“: Финансирањето проекти е зголемено за 70 пати
Вицепремиерката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, денеска ја посетија компанијата „Пакомак“, корисник на кофинансиран грант за комерцијализација на иновации преку ФИТР.
Вицепремиерката Царовска, по средбата на директорот на Пакомак, посочи дeка оваа компанија е одличен пример за општествено одговорна компанија која во пракса покажува што значи да се воведуваат европски стандарди и европски иновации во нашата држава.
„Покажавме како влада дека навистина вложуваме во реалниот сектор со цел да тие имаат побрз технолошки развој, а со тоа да се раздвижи економијата кај нас на еден поинаков и иновативен начин. Оние инвестиции преку ФИТР навистина имаат значење и тоа го гледаме низ секојдневните посети на компаниите. Не само што ја развиваме економијата, во суштина со ваков тип иновации добиваме и повисоко платени работни места. Од друга страна, ‘Пакомак’ покажува дека заштитата на животната средина и рециклирањето може да станат наше секојдневие, а тоа се покажува и во европските земји. Токму затоа европските стандарди се оние коишто ние ги носиме. Дополнително сакам да истакнам дека ФИТР води грижа и за родовиот баланс. Околу 33% од компаниите кои се поддржани од ФИТР во изминатите 2 и пол години се раководени или основани од жени. Секако дека тој процент треба да се зголемува постојано. Ги поттикнуваме жените кои се претприемачки да аплицираат во ФИТР. Сакам да истакнам и дека инвестициите од државата преку ФИТР се за многу пати зголемени, тоа го истакна и директорот. Само за споредба, до 2017 имало 36 компании поддржани преку ФИТР, додека по 2 и пол години имаме десет пати и повеќе поддржани компании. Ова укажува дека инвестициите се реални, финансиските средства коишто одат во компаниите даваат добри резултати и тие имаат потреба од ваков тип поддршка“, истакна вицепремиерката Царовска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, посочи дека компанијата „Пакомак“ е една од 430-те микро, мали и средни домашни компании коишто користат средства од ФИТР во изминатите 3 години.
„Обемот за финансирање на сите овие 430 домашни компании е некаде околу 72 милиони евра, од коишто државата учествува со 55%, што значи дека останатите средства, некаде околу 30-ина милиони евра, се средства што ги вложуваат самите компании, вклучително и фирмата ‘Пакомак’. За 70 пати е зголемен обемот на финансирање во изминатите 3 години. Тоа покажува дека и економијата има потреба од државна помош, но и дека Владата со навремени и добро подготвени мерки излегува во пресрет. Анализите што веќе ги завршивме заклучно со 2019 година говорат дека од овие компании речиси 80% веќе работат со добивка, дека во однос на годините пред да реализираат инвестиции добивката расте со 71%, дека бројот на работни места се зголемува за 10%, дека просечната плата расте за 11%. Во поголемиот дел од овие компании просечната плата е веќе над 40.000 денари, што само покажува дека економските политики што се спроведуваат, особено на Планот за економски раст преку програмите на ФИТР даваат резултати“, подвлече директорот на ФИТР, Деспотовски.
Извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски, информираше до каде е развојот на повратната вендинг-машина за пластични шишиња, која „Пакомак“ ја развива како дел од проектот за кој користат кофинансиран грант за комерцијализација на иновации преку ФИТР, при што ја нагласи благодарноста кон Фондот и Владата, со оглед на тоа што овој тип на финансиска и стручна поддршка навистина многу им помага за навремена имплементација на проектот.
„Во моментот сме некаде до половина од развојот на оваа машина, која очекуваме да ја имаме како прототип некаде во октомври оваа година, а како финален производ во јули следната година. Очекуваме оваа машина да придонесе многу во собирање чиста пластична амбалажа и лименки од населението при што оние кои ќе ја користат таа машина ќе имаат одреден бенефит, поени што потоа може да им користат или за плаќање на јавни сервиси или во супермаркетите со кои преговараме каде што ќе може да ги конвертираат во пари. Очекуваме дека со комерцијализација на оваа машина ќе можеме дел од тие машини да понудиме и на соседните земји и да придонесеме во извозот на технологија од нашата земја, бидејќи машината ја развиваме со Факултетот за електротехнички науки и мислиме дека ќе биде многу современо, модерно решение коешто ќе биде конкурентно и на регионалниот и на европскиот пазар“, кажа извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.
Машината која ја иновира „Пакомак“ ќе му овомозможи на секој граѓанин да може да дојде и да пушти шишиња и лименки. На крајот од процесот граѓаните ќе можат со посебна апликација да наполнат поени на својот мобилен телефон, кои потоа ќе можат да ги користи за евентуално плаќање јавни услуги, за плаќање билети за јавен превоз, театар, филхармонија, супермаркет, за да им се намали сметката за комунален отпад, ќе постојат многу начини како да ги искористат поените. На самиот почеток ќе се почнеме со една или две опции за да се види функционалноста, а понатаму како ќе се идентификуваат проблемите, ќе се наоѓаат решенија за нивно надминување, по што е можно проширување на 20-тина опции кои секој граѓанин ќе може да ги користи. Граѓаните ќе имаат и одреден бенефит, затоа што покажуваат повисок степен на еколошка свесност и рециклираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.