Економија
(Видео) Царовска и Колемишевски во Oхрид: Ваучерите за туризам ќе влијаат на опоравување на туристичкиот сектор
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, заедно со заменикот министер за економија Кирил Колемишевски, остварија посета на оваа општина, пришто се сретнаа со членовите на здружението на пензионери и претставници од граѓански организации, како и со сопственици и управители на хотели и други објекти за сместување кои оперираат во охридско-струшкиот регион.
Вицепремиерката рече дека средбата со хотелиерите е искористена за да се продискутира правилната примена на протоколите за отворање и работа на хотелите и другите сместувачки капацитети, во насока на превенција и спречување на ширењето на коронавирусот Ковид 19, како и за актуелната кампања „Дома си е дома“ и за наредните чекори за опоравување на туризмот, како една значајна економска гранка, особено во овој регион.
„Владата додели ваучери за туризам на повеќе од 100 илјади граѓани, половината се веќе доставени до граѓаните, а втората половина се очекува да биде дистрибуирана многу скоро. Целта е нашите сограѓани да ги искористат домашните сместувачки капацитети, за време на годишните одмори, којшто секој еден граѓанин и работник треба да го има во текот на една година, а воедно ќе ги помогнеме хотелите и угостителите, кои со месеци беа затворени поради одлуките на Владата за полесно справување со коронавирусот“, посочи Царовска.
Вицепремиерката нагласи дека со правилно почитување на протоколите, со добра комуникација помеѓу Владата и компаниите од туристичкиот сектор, директно ќе се влијае на опоравување на економијата на земјата и привлекување на домашните туристи помасовно и почесто да ги посетуваат домашните туристички локации.
Заменикот министер за економија Кирил Колемишевски презентираше дека над 100 илјади лица, со месечен приход кој не надминува 15.000 денари, ќе добијат ваучери за туризам, коишто ќе може да ги искористат во домашни сместувачки капацитети и дополнителна картичка со 3.000 денари за купување на домашни производи и услуги, со што директно се помага на раздвижување на македонската економија.
„Со овие две мерки, се овозможува поддршка за домашната економија, особено за туристичкиот сектор, којшто претрпе сериозни загуби од почетокот на корона кризата. Ќе се обидеме и понатаму да им излеземе во пресрет на хотелиерите и на граѓаните да може да уживаат во македонските туристички места, своите средства да ги трошат токму тука, а со тоа да ја развиваат и домашната економија“, нагласи Колемишевски.
Управителот на хотел Гранит, Перо Кутаноски, во име на хотелиерите од Охрид, Струга и здружението Хотам, истакна дека хотелиерите се потполно подготвени да работат во согласност со усвоените протоколи, за кои и самите помогнале во изработката.
„Се надеваме на успешна туристичка сезона, свесни сме дека нема ништо да биде како порано. Имаме нов начин на работа и структура на гости. Очекуваме домашниот туризам да заземе голема бројка во оваа сезона. Се надеваме на успешна сезона, преку искористеност на ваучерите за туризам, доделени преку Владата на граѓаните. Подготвено го очекуваме почетокот на туристичката сезона“, нагласи Кутаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

