Економија
Царовска и Младеновски: Со мерката младински додаток ги стимулираме младите луѓе да се вклучат во производствените компании
Вицепремиерката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Александар Младеновски, денеска ја посетија компанијата „Витек“ во ТИРЗ Скопје 1, чија основна дејност е производство на хидраулични спојки за висок притисок и гумени црева за градежна механизација и други индустрии.
Царовска, по обиколката на производствениот капацитет на „Витек“, го истакна задоволството што оваа компанија цели кон тоа да вработува млади луѓе, при што користат поддршка од државата преку мерката младински додаток. Преку мерката за младински додаток, во моментов во државата се поддржуваат над 3.000 млади лица под 23 години, вработени во производството или во земјоделието, со што директно на сметките на вработените се уплаќат по 3.000 денари месечно.
„Го посетивме ‘Витек’, да разговараме со нивната менаџмент-структура, да го посетиме работниот процес, со цел да поразговараме за тоа на кој начин обезбедуваат млад тим. Тие се специфични по тоа што голем број млади луѓе се дел од нивниот тим и се мотивирани работници. Дополнително разговаравме на кој начин мерката младински додаток влијае кај нивните вработени. Тие сметаат дека навистина има поголем поттик младите луѓе да доаѓаат во нивната компанија и воопшто да се вклучат во работниот процес во производство, заради тоа што со мерката младински додаток секое младо лице до 23 години коешто работи во производство добива дополнителни 3.000 денари на својата сметка од АВРСМ. На овој начин сакаме директно да влијаеме младите луѓе да станат позаинтересирани за производство, да разговараат со своите пријатели и на тој начин да се вклучат што повеќе од нив, затоа што младите луѓе навистина може да го поттикнат производството. Дополнително, тие секое лето организираат пракса и половина од оние млади ученици коишто доаѓаат во нивната компанија остануваат по праксата. Тоа укажува дека навистина тој систем на дуално образование или на вклучување на учениците уште од средно техничко училиште во компаниите ќе даде резултат што поголем број млади луѓе да работат во производството, но исто и да се заинтересираат за техничките универзитети и да имаме што поголем број луѓе кои се подготвени да работат и да дадат свој максимум во производството“, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Александар Младеновски, објасни дека „Витек“, компанија која со успех работи од 2011година, е една од најголемите по површина во ТИРЗ Скопје 1, а притоа најави дека оваа италијанска компанија планира да го прошири своето производство со реализација на нова четврта фаза.
„Ме радува фактот дека веќе се планира нивната 4. фаза, којашто ќе биде во екстензија на долната страна. Таа фабрика ќе биде долга приближно 150 метри, оваа фабрика што ја гледате тука е околу 300 метри долга. Исто така се очекуваат околу 100 нови вработувања. Ме радува е што во последниот период извозот во зоните порасна значително во однос на првите месеци кога започна кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот. Иако има пад во споредба со минатата година, сепак има значителен пораст, а вкупниот извоз од зоните заклучно со минатиот месец изнесува 820 милиони евра. Би сакал да напоменам дека освен оваа екстензија, веќе се при крај и работите во Скопје ТИРЗ 2, каде што инвестираме во дополнителна инфраструктура, како и во инфраструктура во другите зони. Речиси низ цела Македонија завршуваат градежните работи, се завршува клучката во Струга, клучката во Прилеп, исто така и внатрешната инфраструктура во Прилеп, почнуваме со доизградба на внатрешната инфраструктура во Штип, Кичево, Струмица. Со тоа зоните полека се комплетираат“, нагласи директорот Младеновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

