Економија
Царовска: Младинскиот центар во Гостивар ќе биде поддршка за младите од целиот Полошки Регион

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска потпиша меморандум за разбирање за отворање на младински ресурсен центар во Гостивар, кој ќе го опслужува целиот Полошки Регион.
Меморандумот го потпишаа и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, и постојаната претставничка на УНДП во државата, Нарине Сахакијан.
„Овој центар е од огромно значење за Полошкиот Регион и тој ќе биде од огромна поддршка на младите бидејќи овде има огромен бизнис-потенцијал и тоа го гледам од спроведување на мерките и програмите од оперативниот план за 2019 година. Од вкупно воспоставени 1.484 бизниси од програмата ‘Самовработување’ за 2019 година, дури 350 се во Полошкиот Регион. Исто така, ме радува што од вкупниот број отворени бизниси, дури 38 отсто се од млади лица“, рече Царовска.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, го истакна задоволството што токму оваа општина е избрана за место каде што ќе профункционира ваков тип на младински центар и изрази надеж дека ваквиот модел на младинска поддршка ќе може да се преслика и во другите општини, но и во регионот.
Иницијативата е дел од проектот „Креирања можности за работа на сите“, кој се реализира од УНДП во парнерство со МТСП и Агенцијата за вработување, а со поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски од Штип: Инвестираме дополнителни 70 милиони денари поддршка за инфраструктура

Силна подршка за општините и дополнителни инвестиции во локалната инфраструктура, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при работната посета на општина Штип.
Тој истакна дека покрај владината директна финансиска подршка за проекти, дополнително Министерството за транспорт инвестира во нови проекти за подобрување на квалитетот на живот за граѓаните во општините.
„Ќе продолжиме со сериозна подршка на градоначалниците и општините, надвор од оваа регуларна подршка, која веќе станува регуларна секоја година од буџетот, веќе втора година. За општина Штип инвестираме дополнително некаде околу 70 милиони денари за водоводни и канализациони системи. Да најавам дека оваа година ќе имаме уште една таква активност, како дополнителна подршка. Тоа е едната работа што сакам да ја најавам. Втората работа е тоа што заедно со градоначалникот работиме и во финална фаза сме во изработка на ДУП за бањата Кежовица која треба да отвори многу перспективи за развој на туризмот пред се за банскиот туризам и исто така една убава викенд населба која што ќе значи план за целиот источен дел на државата“, рече Николоски.
Додаде дека се инвестира и во проектот браната на река Отиња, која треба да е нова туристичка атракција.
„Обезбедивме дополнителни 145 милиони денари, се реализира во моментов и очекувам во текот на следната година да заврши, да почне да се полни со вода и летото 2027 година да направиме сефте на езерото и во делот на трузмот и во делот на наводнувањето. Ќе продолжиме со подршката, Штип е еден од најголемите приортети, секако и другите општини, како и општина Крабинци која гравитира кон Штип, ќе продлжиме заедно со градоначалниците да работиме”, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
Економија
Мицкоски: Исплатени се околу 50 милиони денари на оризопроизводителите

Јас нема да ги коментирам нападите на опозицијата. Мислам дека или не се информирани, или ја грешат темата. Веќе е исплатена онаа интервентна исплата до оризопроизводителите од околу 50-тина милиони денари изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека се обезбедени и околу 135 милиони денари за обнова на системите за наводнување за овој регион.
„Оризот стана стратешка култура и ќе биде дел од стоковите резерви. Така што тоа што ние го направивме за неколку месеци, тие седум години не ни помислија да го прават за земјоделците, а најмалку за оризопроизводителите. Се сеќавате на министерот за земјоделие, кога им ветуваше, посебно на оризопроизводителите, за жал не само што не го испорача, туку дополнително ги уништи“, одговори на новинарско прашање Мицкоски, за забелешките од СДСМ, дека не се помага на оризопроизводителите.
Премиерот рече дека Владата се бори за земјоделците и во таа насока ќе продолжи да работи.
„Денеска каде и да одите, дали во Тиквешијата, дали ќе одите во Пелагонија кај тутунарите, дали во струмичко кај раноградинарските производи и зелката, ќе видите дека имаме историски цени и историска наплата. Зошто? Затоа што оваа Влада се бори за земјоделците, а не е ортак со откупувачите. И така и ќе продолжиме“, објасни Мицкоски.
Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)