Економија
Целеска од Народната банка: За декарбонизација се потребни значителни инвестиции, важно е банките да бидат вклучени и отпорни
Банкарскиот систем ќе има важна улога во процесот на преминување на домашната економија кон новиот модел за одржлив раст. Но, климатските промени се исто така и извор на ризици за финансискиот сектор. Активностите на централните банки се главно насочени кон градење отпорност на банкарскиот систем на ризиците поврзани со климатските промени, со што полесно ќе го поддржи преминувањето кон зелена економија, посочи директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, Фросина Целеска, на панел-дискусијата во рамките на Втората конференција на ЕСГ, организирана од Американската стопанска комора (Амчам).
Целеска истакна дека Народната банка во целост го препознава значењето на климатските ризици, а од 2020 година активностите поврзани со климатските промени ги поставува и како стратегиски приоритет. Во изминатиот период се преземени повеќе активности од Народната банка за оваа цел, меѓу кои и членството во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (глобална мрежа на централни банки и супервизорски органи за споделување на најдобрите практики), понатаму членството во Виенската иницијатива за климатски промени, спроведувањето на Анкетата за климатските промени на сите банки и штедилници во земјата. Други активности се и објавувањето на податоците за т.н. „зелени кредити“, промената кај инструментот задолжителна резерва за банките за поттикнување на „зеленото“ кредитирање и регулаторните барања преку Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик (со која се воведе обврска за банките да ги вградат ризиците поврзани со климатските промени во управувањето со кредитниот ризик) и Одлуката за објавување податоци и извештаи од страна на банките, поврзана со редовното објавување податоци и информации за изложеноста на ризиците поврзани со климатските промени и ризиците од ЕСГ.
Со усвојувањето на среднорочниот план за периодот 2023 – 2025 година, Народната банка воспостави сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за управување со ризиците од климатските промени низ призмата на централната банка. Планот, меѓу другото, предвидува и активности за промена на супервизорскиот пристап, со постепено вклучување на климатските ризици во оцената на профилот на ризичност на банките, но ја нагласува и важноста на координацијата на активностите во земјата и потребата за соработка со други државни институции и тела. „Спроведувањето на среднорочниот план ќе придонесе за подобро разбирање на климатските ризици, нивно вградување во анализите на банкарскиот систем и на монетарната политика и градење отпорен банкарски систем, кој ќе може да го поддржи преминувањето на економијата кон зелен и одржлив развој“, заклучува Целеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5%, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.

