Економија
Цената на нафтата повторно над 100 долари за барел

Цената на нафтата се искачи над 100 долари за барел во вторникот, пред состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците (OPEC+), јавуваат медиумите во регионот.
Цената на барел нафта на лондонскиот пазар порасна за 31 цент во однос на претходниот ден, на 100,34 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по 40 центи повисока цена, по 94,29 долари, пренесува SEEbiz.
Денеска ќе се одржи состанокот на ОПЕК + во кој е и Русија. Два од осумте извори рекоа дека ќе се разговара за скромно зголемување на производството, додека останатите велат дека зголемувањето е малку веројатно.
„Овој пат имаме многу поголема неизвесност. Одлуката од оваа недела ќе покаже колку групата сè уште е обединета“, рече брокерскиот аналитичар на OANDA, Крег Ерлам.
Дополнителна загриженост на пазарот предизвикува посетата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, со можна ескалација на тензиите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши ја претстави новата мерка за практикантство – шанса за над 1.300 млади невработени

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја презентираше новата мерка за практикантство, како дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2025 година. Со оваа мерка, директно се инвестира во знаењето, капацитетите и потенцијалот на младите лица до 29 години.
„Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина. План во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен добива шанса“, порача Дурмиши.
Целта на мерката е 1.352 невработени лица до 29 години, со најмалку завршено средно образование, да стекнат практични работни вештини и искуство. Новина е воведувањето на виртуелно практикантство – онлајн обука за 40 лица, прилагодена на модерните услови на работа. За сите вклучени е обезбеден месечен надомест од 12.000 денари, со платено осигурување и персонален данок, во траење до три месеци.
Мерката е дел од поширокиот Оперативен план за вработување, со кој Владата издвои рекордни 40 милиони евра за над 10.000 граѓани. Преку мерката за субвенционирано вработување, микро, мали и средни претпријатија, социјални бизниси и граѓански организации се повикуваат да отворат нови работни места. Досега се пристигнати 1.133 апликации, за над 1.400 вработувања.
Финансиската поддршка изнесува:
-250.000 денари за вработување младо лице до 29 години;
-220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош;
-160.000 денари за лица над 29 години.
Досега, преку јавните повици за активни мерки според соопштеното, поднесени се 6.026 апликации.
„Интересот за мерките покажува дека дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред“, изјави министерот.
Економија
Андоновски: Зголемена соработка меѓу Македонија и Италија во областа на иновациите и технолошкит развој

Во рамките на Бизнис форумот помеѓу Македонија и Италија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави националните заложби во областа на технолошките иновации, дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.
Од Министерството соопштија дека на форумот беше истакната посветеноста на Македонија кон исполнување на реформската агенда на Европската Унија, при што новите реформски закони, особено Законот за сајбер безбедност, претставуваат силен доказ за заложбите на државата во заштита на граѓаните во дигиталниот простор и унапредување на технолошката отпорност.
На маргините од форумот, беше осстварена и средба со Мариа Триподи, заменик-министерка во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. На средбата беа разгледани клучни прашања од политичко и економско значење на двете земји, при што беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Македонија и Италија и продлабочување на соработката во дигитализацијата, трговската размена и политичката поддршка.
Во таа насока, беше предложено потпишување на Меморандум за соработка со ресорното италијанско министерство, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на иновациите, дигиталните алатки и сајбер безбедноста.
“Партнерството со Италија покажува дека и мала држава како Македонија може да има значајна улога на светската сцена. Ова е шанса за нови инвестиции, но и поддршка за македонските компании да го освојат европскиот пазар”, истакна Андоновски за време на форумот.
Заменик-министерката Триподи изрази поддршка и признавање за посветеноста на Македонија во процесот на дигитална трансформација, нагласувајќи ја важноста од продлабочување на билатералната соработка.
Економија
Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“.
„Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст“, рече премиерот.
Според него, оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Мицкоски кажа дека станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија.
„Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира“, рече Мицкоски.