Економија
Цените на гасот во Европа паднаа на најниско ниво во последните десет години

Европските цени на природниот гас оваа недела паднаа на најниско ниво во последните десет години во услови на битка за удел на пазарот меѓу најголемите производители, Русија и САД.
Цените би требало да продолжат да паѓаат бидејќи референтната цена на бензинот во Холандија се обидува да закрепне од падот под десет евра за мегават-час што го забележа претходно ова лето.
Цената на гас за испорака овој месец на холандскиот пазар, главниот индикатор за пазарот на природен гас во Западна Европа, во моментот е на најниско ниво од 2010 година поради вишокот понуда, се вели во анализата на консултантската компанија „Ристад енерџи“.
Резервите во северозападна Европа, Италија и во Австрија на 28 август достигнаа ниво од 62,3 милијарди кубни метри или 94 проценти од капацитетот.
И покрај падот на цените на гасот, Русија и САД драстично го зголемија извозот во првите пет месеци од оваа година. Русија учествуваше со 38 проценти во европската потрошувачка на гас минатата година.
Од друга страна, податоците на Управата за информации за енергетици на САД покажаа дека годишниот извоз на гас во Европа минатата година бил 13 пати поголем во однос на 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.