Економија
Црна Гора има најголем економски пад во регионот и во Европа

Падот на црногорската економија годинава ќе изнесува 14,3 проценти, според новата прогноза на Европската комисија (ЕК).Тоа е поголем пад на бруто-домашниот производ (БДП) од последните проценки дадени од Светска банка (СБ) – 12,4 проценти и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – 12 проценти и драстично поголем од оној што ЕК го имаше на пролет, од минус 5,9 проценти. Сите претходни прогнози се дека црногорската економија ќе има најголем пад на БДП во регионот годинава, и е на врвот според падот во Европа.
Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) очекува економскиот пад годинава да биде околу 17 проценти, но тоа не е конечната прогноза. ЕК проценува дека јавниот долг на Црна Гора годинава ќе изнесува 87,3 проценти од БДП.
Светската банка неодамна процени дека на крајот на оваа година ќе изнесува 93 проценти и дека инаку високото ниво на јавен долг ќе достигне врв од 98 проценти во 2021 година. Според прогнозата на ЕК, јавниот долг на Црна Гора ќе биде 85,6 проценти од БДП во 2021 година, и 83 проценти во 2022 година.Според есенските прогнози на ЕК, црногорскиот БДП се предвидува да порасне за 6,8 проценти следната година и за 3,7 проценти во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со нова кредитна линија од 12 милиони евра за одржливо земјоделство

Халкбанк АД Скопје, како една од водечките банки во земјата која постојано се насочува кон поддршка на реалната економија, започнува со реализација на нова кредитна линија наменета за развој на одржливо земјоделство.
Средствата во износ од 12 милиони евра се обезбедени преку Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и ќе бидат ставени на располагање на земјоделците и земјоделските бизниси во наредните пет години.
Целта на оваа кредитна линија е да им овозможи на микро (вклучувајќи трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија пристап до поволни извори на финансирање кои ќе им помогнат да ги реализираат своите планови за работен капитал, како и за инвестиции во опрема, модернизација и развој на одржливи агро-практики.
Кредитите ќе бидат одобрени под атрактивни услови, со варијабилна каматна стапка која започнува од 5,5% и со можност за флексибилна отплата преку месечни, квартални или полугодишни ануитети. Освен финансиската поддршка, програмата предвидува и дополнителни бенефити за земјоделците: организирани работилници и тренинзи преку кои ќе можат да стекнат нови знаења за современи и одржливи земјоделски практики, како и грант компонента до 1.000 евра по корисник, достапна до исцрпување на предвидениот буџет. На тој начин, кредитната линија не е само финансиски инструмент, туку и практичен поттик за модернизација и зголемување на конкурентноста на домашното земјоделство.
Халкбанк и ЕФСЕ соработуваат долги години, а ова партнерство овозможи континуирано насочување на финансиски средства кон микро, мали и средни претпријатија, со што се поддржа растот на многу бизниси и се даде значаен придонес во економскиот развој на државата. Новата кредитна линија претставува уште еден чекор во таа насока, ставајќи акцент на земјоделството како стратешка гранка со голем потенцијал за одржлив развој.
„Поддршката на земјоделството е од суштинско значење за иднината на економијата и благосостојбата на граѓаните. Со оваа нова кредитна линија, обезбедуваме не само поволни финансиски средства, туку и знаење и грантови кои ќе им помогнат на земјоделците да преминат кон одржливи практики и да ја зголемат својата продуктивност. Веруваме дека вложувањето во земјоделството значи вложување во долгорочна стабилност, храна со повисок квалитет и развој на руралните средини,“ велат од Халкбанк.
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) е формиран од страна на Банката за развој KfW, со финансиска поддршка од германското Федерално Министерство за економска
соработка и развој (BMZ) и Европската комисија. Фондот има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во земјите од Југоисточна Европа преку овозможување пристап до финансирање за микро и мали претпријатија и за домаќинства со пониски приходи, со фокус на одржливост и позитивно влијание врз заедниците.
Со оваа програма, Халкбанк ја продолжува својата долгорочна стратегија за поддршка на одржливите иницијативи во економијата, инвестирајќи во иднината на земјоделството и обезбедувајќи подобри услови за оние кои ја движат оваа важна гранка.
ПР
Економија
НБРМ: Граѓаните сè почесто ги избираат дигиталните канали за плаќање

Најновите податоци од платежната статистика на Народната банка за вториот квартал од 2025 година покажуваат натамошен раст на електронските плаќања, при што сè поочигледно е дека граѓаните почесто ги избираат мобилните апликации и платежните картички за извршување на плаќањата, отколку шалтерите, соопшти НБРМ.
Во споредба со истиот период минатата година, електронските плаќања со платни налози бележат раст за 9% по број и за 20,9% по вредност. Особено е брз растот на електронски иницираните плаќања преку дигиталните канали, односно трансакциите растат за 18,6%, а вредноста за 28,3%. Најголемиот дел од платежните трансакции иницирани преку дигиталните канали (71,3%) се извршени преку мобилни апликации, што потврдува дека преовладува употребата на мобилниот телефон како најбрз и наједноставен начин на плаќање.
Се зголемува и користењето на платежните картички. Бројот на плаќањата со картички е поголем за 8,4%, а нивната вредност за 11,4%. Зголемувањето најмногу произлегува од зголеменото купување преку интернет (14,8%), но раст има и кај плаќањата во продавниците (7,9%).
Овие податоци, според НБРМ, јасно укажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,23 п.п., при што во август таа изнесува 2,19%.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,54 п.п. и изнесува 4,90%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска.