Економија
Цуклев: Прогресивниот данок не прави разлика меѓу вреден професор и некој што поседува викендички и дуќани
Дали е богат ИТ-инженер, универзитетски професор или менаџер во ТИРЗ зона, наспроти група луѓе кои стекнале капитал на различен начин во минатото, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев, на комисиската расправа во Собранието за воведување прогресивен данок.
Од опозицијата преку амандмани бараат да не се воведува прогресивен данок, туку да остане рамното оданочување, посочувајќи дека тоа е подобро и за спречување на сивата економија, но и за пофер оданочување.
„Немате мерило кој е богат. Оваа решение не прави никаква разлика помеѓу професор кој заработил со пот 100 000 денари и оној што поседува викендички и дуќани. Велите ќе инкасирате од богатите 25 милиони евра во буџетот по овој основ. Тие пари во 2017 секако беа собрани. Се знае, имаше покачување 15 отсто за оние кои даваат имот под закуп. Нема никаков фискален ефект“, рече Цуклев.
Пратеникот Цуклев ова го образложи откако беа отфлени двата амандмана, едниот да остане рамен данок, а вториот да не се оданочуваат прогресивно, односно со 18%, доходите кои граѓаните ги заработиле по основ на плати или продажба на земјоделски продукти.
Тој зборуваше дека ова решение негативно ќе се одрази и врз странските инвеститори и врз зголемувањето на вработувањето.
„Ако рамниот данок беше адут во ракавот за привлекување странски капитал, сега веќе го немаме“, додаде тој.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се намалила сиромаштијата при што наведе дека во 2006 имало 434 илјади формално вработени наспроти во 2016 кога се искачил на 590 илјади со рамниот данок. Исто така се намалил и бројот на неформално вработени од 174, на 133 илјади, што покажува дека се намалила сивата економија, наведе пратеникот.
За министерот за финасии, Драган Тевдовски, овие тези не се прифатливи и тој остана на ставот дека 1% биле богати во државата со примање од 4.300 евра, наспроти останатите, кои, според анализите на Министерството за финансии, биле со примања меѓу 380 и 280 евра.
Во врска со ова прашање, поднесни се 22 амандмани, најголем дел од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На комисиската расправа се дебатира по законот за личен доход кој предвидува прогресивно оданочување од 10 на 18 отсто за оние кои оствариле приход од над милион денари на годишно ниво. На расправата во Собранието ѝ претходеше јавна расправа, на која во однос на оваа тема остро реагира претставници на бизнис-заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos

