Економија
Швајцарски ГСОЛ одбран за инвеститор во „Фени“

Банките кредитори на „Фени индустри“ одлучија инвеститор во фабриката да биде швајцарската компанија ГСОЛ. Одлуката ја донеле по низа преземени активности со цел повторно активирање на производствениот процес на компанијата. Изборот на најсериозниот инвеститор е последниот чекор од низата активности за кои велат дека биле успешно реализирани. Кредитори на „Фени“ се Комерцијална банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје. Тие имале две понуди за откуп на побарувањата за „Фени“, едната од ГСОЛ, а другата од бугарски „Минстрој“.
„По оценувањето на понудите, одлуката на банките е да се избере понудата на ГСОЛ како купувач на нашите побарувања. Ваквата одлука се заснова на целосна оценка на доставените понуди, роковите и условите за исплата на побарувањата, како и покажаната посветеност на овој инвеститор од почетокот на проблематичниот период за компанијата. Исто така, беше земено предвид дека ГСОЛ веќе ја исплати заостаната плата на вработените во ‘Фени’, како и јавно објавената намера за соодветна исплата и на другите доверители што имаат признаени побарувања во стечајната постапка на ‘Фени индустри’, соопштија банките кредитори.
Во согласност со условите од понудата, банките очекуваат целосната реализација на договорот за откуп на нивните побарувања да биде завршена до крајот на март 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Земјоделците се херои на денешницата, Владата останува посветена на нивната поддршка

На манифестацијата „Од нива до трпеза“, која денеска се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати јасна порака за поддршка на македонските земјоделци, нагласувајќи дека Владата силно се залага за развојот на земјоделскиот сектор и поддршка на оние кои го одржуваат аграрот жив.
„Македонија има потенцијал – и тоа не е празна фраза, туку фактичка состојба. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва, но најважно од сè – имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат да станат рано наутро, да ги извалкаат рацете во кал, да работат до доцна навечер. Тие се тивките херои на нашето време. Тие се темелот на нашата економија, чуварите на традицијата и креаторите на иднината“, изјави премиерот.
Мицкоски подвлече дека земјоделството е еден од стратешките приоритети на Владата, наведувајќи дека во последните 11 месеци биле исплатени повеќе од 8 милијарди денари за субвенции и други форми на финансиска помош за земјоделците.
„Ова не се празни ветувања – ова се мерливи резултати. Тие говорат за нов пристап, нова енергија и визија со која сакаме да го издигнеме земјоделството, да ги поттикнеме младите генерации да се вклучат во овој сектор, и пред сè – да ја зајакнеме довербата кај секој земјоделец“, рече премиерот, апелирајќи до граѓаните да избираат македонски производи и со тоа директно да го поддржат домашното производство.
На манифестацијата учествуваат 25 општини од целата земја, претставувајќи уникатни традиционални производи како што се домашни вина, печива, мед и рачни изработки.
Настанот е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел е да се истакне богатството на македонската традиционална храна и да се промовира руралниот туризам како ресурс со сериозен економски и културен потенцијал.
Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.