Економија
Швајцарски експерти за унапредување на енергетската ефикасност во Македонија
Директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Александар Дуковски и директорката на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Розанди Лоу, потпишаа меморандум за соработка за ефикасна, континуирана и координирана соработка помеѓу ИМЕ програмата и Агенцијата за енергетика во областа на енергетската ефикасност.
Меморандумот се однесува на координација на активностите за развој на модел за нудење на енергетски услуги во Македонија и потребните законски измени за операционализација на тој модел.
„Се надевам дека швајцарските искуства во енергетската ефикасност ќе помогнат во развојот на овој сектор во Македонија. Програмата за зголемување на пазарната вработливост веќе направи анализа на секторот, како и на можностите за развој во оваа област, а веќе отпочнавме и конкретни активности за подобрување на енергетската активност во хотелиерството. Со овој меморандум ќе се продлабочи нашата соработка со Агенцијата за енергетика како клучен фактор за развој на овој сектор“, изјави Розанди Лоу, програмски директор на ИМЕ.
Соработката меѓу ИМЕ програмата и Агенцијата за енергетика вклучува стручна помош за изработка на анализа за енергетски услуги во јавниот сектор и потенцијалите за давателите на енергетски услуги, развој на модели за тендерски постапки за енергетските услуги, поддршка за промена на законодавството за имплементација на овие модели, како и промоција на добрите практики за тендерските постапки за енергетските услуги.
Според директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, Александар Дуковски агенцијата се фокусира на зголемена соработка со чинителите во енергетскиот сектор, како во Република Македонија така и надвор од неа.
„Со потпишување на овој меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за енергетика на Република Македонија и Програмата за зголемување на пазарната вработливост се продлабочува веќе добрата соработката помеѓу нас и очекуваме дека наскоро ќе има видливи резултати во реална имплементација на мерки за енергетска ефикасност од страна на компании кои ќе работат според моделот за нудење на услуги за подобрување на енергетската ефикасност во секторите каде енергетската интензивност е најголема“, рече Александар Дуковски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

