Економија
Шест македонски винарници на „Продекспо 2022“ во Москва
Национален штанд на Република Северна Македонија на најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа
Шест винарници од земјава се присатни на Националниот штанд на Република Северна Македонија на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехрамбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва.
Најголемата саемска манифестација од овој вид во Руската Федерација и во Југоисточна Европа e отворена во изложбено – саемскиот „Експоцентар“ и ќе трае до 11 февруари. Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.
Ова е девето учество на македонски компании на овој исклучителен деловен настан, а годинава на него се презентираат ВВ „Тиквеш“, „Стоби“, „Далвина“, „Мовино“, „Езимит“ и ММ „Интернејшнл“.
По отворањето на саемот македонскиот Национален штанд го посети вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Н.Е. Оливера Чаушевска -Димовска.
„И покрај сложената здраствена и политичка криза во овој дел на светот деловните луѓе од македонските компании од винскиот сектор допатуваа во Москва во потрага по нови деловни партнери и покажуваат дека нашите бизнисмени ја мапираат Руската Федерација како значаен пазар за зголемување на извозот. Минатата година поради пандемијата оваа саемска манифестација помина без македонски претставници, но ние не сакаме подолго да го изгубиме континуитетот на учеството на ‘Продекспо’. Неговото значење за македонските компании може да се илустрира со трендот на зголемување на количините на продадено вино во Руската Федерација. Во 2021 година на овој пазар винарниците продадоа 2 милиони вино во шишиња, додека оваа година таа бројка се очекува да се зголеми. Најголем извозник на флаширано вино во Русија е винарницата ‘Стоби4. Можностите се на дофат на компаниите и сигурни сме дека ќе ги искористат, бидејќи оваа саемска манифестација е идеална за склучување извозни деловни зделки“ – истакнува м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
За можностите зборуваат бројките според кои во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2022“ своите производи ги изложуваат 30 индустриски сектори, буквално од сите сегменти од производството на храна.
Присутни се 2.660 компании – изложувачи од 73 земји од светот. Овде може да се види најголемиот излог на алкохолни пијалаци и вина од повеќе од 30 земји.
Се очекува низ халите на „Експоцентарот“ да поминат 68.600 посетители од 115 земји и претставници на повеќе од 120 меѓународни и руски трговски ланци.
„Продекспо 2020“ ги собира на едно место трговците – увозници од федерално и локално ниво, кои се стратешки партнери на прехрамбената и индустријата на пијалаци во Русија и Евроазиската унија, како и претставниците на Хорека секторот – хотели, ресторани, кафулиња и барови.
Затоа и е огромен бројот на договори склучени врз основа на деловните контакти што се воспоставуваат на штандовите во московскиот „Експоцентар“. За време на саемските денови ќе се одржат и бројни тематски конференции, на кои ќе учествуваат и македонските деловни луѓе и Македонско-руската стопанска комора.
„За единаесет месеци од минатата година македонскиот извоз во Руската Федерација ја достигна бројката од близу 53 милиони САД долари. Меѓутоа, истовремено за овој период нашиот увоз од оваа земја е речиси три пати поголем од извозот и изнесува 151,8 милиони САД долари. Тоа значи дека со Руската Федерација имаме трговски дефицит во висина од 98,8 милиони САД долари. Од тие причини македонските компании мора да го зголемат извозот за да се движиме кон врамнотежување на размената со оваа земја“, констатира м-р Дејан Бешлиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

