Економија
Шест милиони луѓе останаа без работа во ЕУ поради Ковид-19

Кризата предизвикана од коронавирусот има невидено влијание врз економијата на Европската Унија, како и врз пазарот на трудот и целото општество, се вели во студијата на Европската фондација за подобрување на условите за живеење и работа.
Според резултатите од истражувањето на оваа агенција со седиште во Даблин, до пролетта 2020 година во ЕУ биле вработени 5,7 милиони луѓе помалку отколку на крајот на 2019 година, а стапката на невработеност во европскиот блок се зголемила од 6,6 до 6, 7 проценти во истиот период.
„До јули 2020 година речиси 50 проценти од работниците во ЕУ се префрлија на работа со полно работно време или со скратено работно време“, е наведено во студијата.
Младите претрпеа најсилен пад на вработеноста, а работниците на возраст од 25 до 54 години и постарите машки работници обично имаа работа со скратено работно време.
Значителни разлики во работните услови беа регистрирани и меѓу земјите членки на ЕУ, при што Франција, Полска, Италија и Грција беа најтешко погодени од пандемијата, се додава во извештајот.
„За време на глобалната финансиска криза од 2008 до 2010 година, вработените со среден приход претрпеа најголеми загуби, а кризата од Ковид-19 најмногу ги погоди работниците со најниски примања до вториот квартал на 2020 година“, се наведува во извештајот.
Фондацијата предвидува дека стапката на невработеност во ЕУ ќе се искачи на 8,6 проценти во 2021 година и ќе остане на осум проценти во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата ветува дека за околу 2,5 милиони евра ќе се зголеми буџетот за поддршка на мали бизниси

Министерството за економија и труд бара, а Владата ќе го зголеми буџетот за поддршка на бизнисите при самовработување. За околу 2,5 милиона евра ќе се зголеми буџетот за поддршка на мали бизниси, изјави во Прилеп Марјан Ристески, заменик-министер за екномија и труд.
За проектите за самовработување од пет, буџетот ќе се зголеми на 7,5 милиона евра. Ова зашто е огромен интересот на трите огласи на Агенцијата за вработување за најатрактивната мерка во обемниот оперативен план за вработување со кој се опфатени 40 проценти млади луѓе. На огласите има околу 6 000 пријави. Наместо 1.750, државата ќе поддржи 2.600 лица кои ќе почнат свој бизнис, најави Ристески. Министерството за економија и труд на наредната владина седница ќе побара уште пари.
-Според тоа, како Министерство, како предлог, заедно со АВРМ побаравме и очекуваме од Владата прелокација на финансиски средства на наредната владина седница. Очекуваме да се издвојат нови 300 милиони денари кои ќе бидат употребени за оваа најатрактивна мерка, мерката за самовработување. Со тоа бројката би се зголемила на 2 600 лица кои би отвориле сопствен бизнис, претежно млади луѓе до 29 години, но ќе ги опфати и сите активни баратели на работа и над 29 години. Да напоменам дека оваа мерка ќе биде поддржана и со плус 160 милиони денари кои се обезбедени со ребалансот на буџетот. Или, вкупно, овие мерки ќе бидат поддржани со зголемен буџет од над 7,5 милиона евра, изјави Ристески.
Што се однесува до потрошувачката кошничка и нејзиното пресметување, како точка ќе се најде на дневен ред на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Од тоа ќе зависи какви мерки ќе преземе Владата. Ристески се надева дека ЕСС ќе биде свикан до крајот на наредната недела.
-Досега интензивно работеше комисијата за одредување на репрезентативност, формирана пред неколку месеци. Меѓуртоа, поради летните одмори, малку беше пролонгирано, но е завршено броењето од синдикатите кои треба да добијат реперзентативност во текот на овој период и се надевам дека до крајот на наредната недела, ќе биде официјално свикан Економско-социјалниот совет со дневен ред. Една од дискусиите ќе биде стапката на инфлација, заштита на животниот стандард и можноста дали и понатаму ќе се одредуваат нови мерки или не. Ние ја следиме ситуацијата и сето тоа ќе биде и сето што ќе биде донесено ќе биде во договор на сите страни кои учествуваат во Економско-социјалниот совет, односно со еден заеднички трипартитен договор, изјави Ристески.
Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.