Економија
Ѓорчев: Високите цени на дизел-горивото се одразуваат на секое семејство
Сведоци сме дека недела по недела, месец по месец, откако дојде Владата на Зоран Заев и Драган Тевдовски, цената на дизелот оди нагоре. Од 46 денари, сега цената ќе биде 63. Граѓаните на Република Македонија плаќаат енормно високи цени поради неодговорната фискална, буџетска и економска политика на Владата на Зоран Заев и Драган Тевдовски, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, во прес-центарот на Собранието.
Тој апелира до пратениците од СДСМ на претстојната Комисија за финансирање и буџет, како и до владините претставници од СДСМ и Зоран Заев, да го прифатат разумниот предлог од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е да ја анулираат акцизата од 3,5 денари што ја наметнаа на 1 јануари. „Нека најдат начин да си го пополнат буџетот, нека најдат начин да привлечат инвеститори, нека најдат начин да ги исполнат сите оние многубројни ветувања што им ги ветија на граѓаните. Овие високи цени на дизел-горивото се одразуваат на секое семејство, се одразуваат на превозниците и на целата економија во целост. Ако еден резервоар пред само неколку месеци се полнел со 1.500 денари, сега истиот тој резервоар се полни со 2.400 денари. Ако еден резервоар во камионскиот превоз од 1.000 литри се полнел со една сума, сега со секое полнење е поголемо 3,5 денари за литар“, рече Ѓорчев.
Од тие причини, поради растењето на цената на горивата, се доаѓа до зголемување на цените во малопродажбата, особено на производите за широка потрошувачка. Се влегува во една спирала на зголемување на цените, спирала на инфлација, а истовремено платите и пензиите во Македонија не растат.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави предлог за раст на платите и пензиите, СДСМ го одби. Овие загрижувачки еконсомски индикатори треба некако да се пресретнат, треба да им се олесни работата на домаќинствата и индустријата и на тој начин ќе имаме какво такво ублажување на овие очигледни последици“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

