Економија
Јацек Олчак, нов генерален директор на „Филип Морис интернешнл“
На годишното акционерско собрание што се одржа на 5 мај 2021 година за нов генерален директор на „Филип Морис интернешнл“ (ФМИ) назначен е Јацек Олчак, кој досега ја извршуваше функцијата главен оперативен директор. Истовремено Олчак е избран и за член на Управниот одбор. Досегашниот извршен директор Андре Каланцопулос, кој ја извршуваше таа позиција од 2013 година, е избран за претседател на Управниот одбор на компанијата.
При преземањето на функцијата, Олчак се обврза на забрзана транзиција кон производи без чад што започна во 2016 година. Компанијата е фокусирана на развој, научна валидација и одговорна продажба на производи без чад кои се помалку штетни од пушењето, кон целта да се заменат цигарите со овие производи.
„За мене е голема чест и задоволство да го водам ФМИ на патот на забрзана трансформација во компанија што нуди производи без чад. ФМИ е лидер во научна иновација и нашата амбиција е до 2025 година повеќе од половина од нето-приходите да доаѓаат од производи без чад. Нашата долгорочна иднина се заснова на асортиман што постојано го прошируваме. Ќе се потпреме на нашето научно истражување и експертиза и ќе ги примениме нашите колективни вештини и имагинација за да продолжиме со иновации над постојниот опсег и да истражуваме нови области на развој на бизнисот“, изјави Олчак.
Олчак (56) ја започна својата кариера во ФМИ во 1993 година. Прво беше на различни позиции во секоторот за финансии и во генералениот менаџмент низ Европа, вклучително позиции директор на ФМИ за Полска и Германија и претседател на регионот на Европската Унија, пред да биде назначен за главен финансов директор во 2012 година. Тој ја извршуваше оваа функција до 2018 година, кога стана главен оперативен директор. Магистрирал економија на Универзитетот во Лоџ во Полска.
Олчак е еден од главните двигатели на преминот кон производи без чад на компанијата ФМИ, чија продажба започна со лансирањето на IQOS во Нагој, Јапонија, во 2014 година. Под негово раководство како директор за операции, ФМИ го зголеми удделот на производи без чад во вкупните нето-приходи на 28 проценти во првиот квартал од 2021 година и до 31 март 2021 година ги лансираше овие производи на 66 пазари. Тој исто така ја предводеше комерцијалната трансформација на компанија во која потрошувачите се на прво место.
„Како нов извршен директор, Јацек е во идеална позиција да ја реализира визијата за иднина без чад. Неговата потрага по резултати се заснова на страста кон компанијата и нашите вработени, како и на широко познавање на нашите производи, системи, вредности и инвеститори. Убеден сум дека тој е идеален лидер кој гарантира постојан раст на нашата деловна активност и реализација на вредноста за акционерите. Драго ми е што ќе продолжам да соработувам со него, како претседател на Управниот одбор“, рече Каланцопулос.
„Од самиот почеток, Јацек беше еден од предводниците на трансформацијата на компанијата ФМИ кон производи без чад на меѓународно ниво. Неговите способности и експертиза отвораат ново возбудливо поглавје за нашата компанија. Под негово водство, ние го лансиравме минатата година првиот тутунски производ без чад во Македонија и среќни сме што секоја година сè повеќе луѓе стануваат свесни дека има подобри алтернативи од продолжување со пушењето “, рече Иван Костиќ, извршен директор на Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп (ФМТКП).
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.