Економија
Ќе им се исклучува струјата на сите неплаќачи, на списокот болници, затвори, факултети
ЕВН објави дека веќе се испраќаат известувања, а и ќе ги исклучуваат од струја сите институции неплаќачи. На списокот се болници, затвори, студентски домови, Зоолошката, Железницата, судови и факултети.
Долгот е милионски, околу 13 милиони евра, Железницата должи речиси 6 милиони, затворите имале приближно 1 милион долг. Ако останат без струја, тоа ќе значи колапс на железничкиот транспорт во земјата затоа што ќе бидат укинати возовите на електричен погон, па во употреба ќе останат само оние што користат нафта. За болниците и студентските домови, прекинот на струја ќе биде катастрофален.
Во согласност со правилата за снабдување со електрична енергија, потрошувачите чие снабдување со електрична енергија не смее да биде прекинато се: болници, клиники, посебни здравствени установи, установи за прва помош, јавни објекти за водоснабдување, објекти и средства за јавен превоз, како што се аеродроми, железнички и автобуски станици и сигнални станици во јавниот сообраќај, хидрометеоролошки и сеизмолошки станици и градинки.
Според член 44 став 3 од законот, „ЕВН хоум“ го известило МЕПСО дека рокот за доставување една од гаранциите за плаќањето, како и времетраењето на снабдување со струја од краен снабдувач, истекува и побарале од операторот да се прекине снабдувањето со струја на „МЖ – транспорт“.
Ова значи дека државата ќе мора да им ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции што имале објективни причини да не плаќаат, но децидни се дека не и на оние кај кои не постои оправдување за недомаќинско работење. Ова денес го изјавија и министерот за економија, Крешник Бектеши, и премиерот Ковачевски.
Бектеши дециден дека неодговорно и недомаќинско работење Владата нема да поддржи и дека тоа јавно ќе биде објавено. Неприфатливо е, рече, да се трошат непотребно средства кога Владата веќе ги одредила количините за снабдување со електрична енергија на основните и средните училишта. Некои директори на училиштата, како што рече, не се пријавиле за обезбедување струја по поволна цена од 95 евра за цела грејна сезона зашто не нашле време што го имале со недели за да пополнат апликација.
„Речиси половина од основните и средните училишта во нашата држава не аплицирале, не биле заинтересирани да имаат поволна цена на електрична енергија, која ќе ја обезбеди ЕСМ за нивните потреби. Тоа е неодговорно однесување на сите оние што раководат со училиштата и, според мене, намерно им прават дополнително трошок на општините, а тоа се пари на граѓаните“, рече Бектеши додавајќи дека тоа важи и за јавните комунални претпријатија кои не аплицирале за субвенционирана цена и со денешните цени да плаќаат по 400 евра или трипати поскапо од тоа што можеле да го добијат.
Во однос на цената на струјата за граѓаните, министерот е дециден дека се прави сè струјата да не поскапи. И како што засега стојат работите, таа нема да поскапи и покрај фактот што се зголемува ДДВ-то. Тој појасни дека, најверојатно, нема да дојде до промена во четирите тарифни блокови за потрошувачка на електричната енергија.
„Одлуката за евентуална промена во цената на струјата од 1 јануари ќе се носи во интерес на граѓаните. И тука, најверојатно, ќе нема поскапување, но не е во ред во време на криза одредени домаќинства со повисоки приходи да имаат иста цена со граѓаните што имаат просечни приходи. Одредени домаќинства во земјата трошеле повеќе од одредени компании, и тоа големи. Зборуваме за над 30-40 мегавати месечно, што значи тие домаќинства ќе плаќаат во согласност со пазарните услови, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ‘ЕВН хоум’ и ЕСМ“, рече Бектеши.
Што се однесува до ресурсите, според директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, снабдувањето со електрична енергија е сигурно и стабилно.
„Производството е зголемено и нема прекин, односно нема намалена испорака на електрична енергија“, рече тој.
Граѓаните да бидат спокојни зашто електрична и топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, без застои и без оптоварување на нивниот буџет. Не треба да веруваат во секакви непроверени информации и во паниката од опозицијата зашто тоа може да биде на штета на домаќинствата, кои, слушајќи ги, може да прават дополнителни трошоци за алтернативно загревање“, порача министерот за економија, Крешник Бектеши.
По подолга пауза, од вчера беше вклучена термоцентралата „Осломеј“ по ремонтот што траеше неколку месеци. По два месеца сервис и ремонт, денеска почна процедурата за пуштање во употреба и на ТЕЦ „Неготино“. РЕК „Битола“, пак, работи со два од трите блока, а имаше денови кога работеше само еден блок. За работа на третиот блок се чека трансформаторот од Турција тежок 240 тони. Властите очекуваат да пристигне до средината на овој месец. Поради тежината, композицијата долга 60 метри побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина“, соопшти државниот производител ЕСМ.
Според ЕСМ, во договорот со економскиот оператор што ги изведувал работите било наведено дека зафатите треба да завршат до 15 декември, но со засилениот интензитет на работа и зголемениот ангажман на вработените рокот бил скратен за 10 дена, што во услови на енергетска криза ќе значи економски и енергетски бенефит.
Васко Ковачевски, генералниот директор на ЕСМ, објави дека денеска почнала испораката од 600.000 тони јаглен од Грција за термоелектраните.
„Денеска почна испораката на новите количини јаглен од Република Грција, каде што имаме потпишано договор за 600.000 тони јаглен, што ќе треба да се носи во наредните 12 месеци. Цената што е постигната за овој јаглен е 59 евра за тон, што значи дека имаме една од најниските цени на купен јаглен во Европа во овој момент на енергетска криза“, рече Ковачевски.
Оваа цена, според Ковачевски, била добиена поради, како што рече, поддршката што ни ја дава Грција по меѓувладините средби во Атина. Тој дополни дека ЕСМ има нов договор за 180.000 тони мазут од јануари до јуни 2023.
Анита Петровска-Рајковиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

