Економија
Зголемена продажбата на нови автомобили во Шпанија
Поддржани од програмата за државни стимулации, продажбата на нови автомобили во Шпанија се зголеми за 47 отсто во февруари, јавија агенциите.
Поддржани од програмата за државни стимулации, продажбата на нови автомобили во Шпанија се зголеми за 47 отсто во февруари, јавија агенциите.
Речиси 90 илјади нови автомобили беа регистрирани во текот на овој месец, што е значително повисок резултат спрема 60 илјади возила кои беа продадени во февруари 2008 година, велат во соопштението од Асоцијацијата на автомобилски производители во Шпанија „ANFAC“.
Продажбата се зголеми за 18,1 отсто и во јануари, достигнувајќи 70 илјади продадени автомобили.
Вкупниот износ на реализираните продажби во првите два месеци од годинава изнесува 160 илјади автомобили, што е за 32 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година./крај/бг/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.
Економија
Божиновска: Општините добиваат конкретна поддршка за да реализираат повеќе енергетски проекти
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започна националната серија работилници посветени на поддршка на општините во подготовката и реализацијата на што поголем број проекти за енергетска ефикасност. Овие обуки ќе се одржуваат во повеќе градови низ државата со цел да се зајакнат локалните капацитети и да се унапреди спроведувањето на европските стандарди во енергетското планирање.
Во рамки на оваа иницијатива денес во Скопје се одржа работилница за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност. Настанот се реализира во склоп на проектот Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија, финансиран од Делегацијата на Европската Унија. Проектот има за цел воспоставување високо ниво на ефикасна енергетска политика, унапредување на правната рамка и поддршка на институциите во доследна примена и мониторинг на процесите поврзани со енергетската ефикасност.
Работилницата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која нагласи дека општините мора да се ангажираат и да реализираат мерки што носат реални заштеди и побрза модернизација на јавната инфраструктура.
„Локалните самоуправи мора да станат мотор на енергетската трансформација. Наша задача е да им дадеме алатки, насоки и поддршка за да можат да реализираат повеќе проекти, побрзо и поефикасно. Време е секоја општина да ги искористи можностите што ги нудат европските правила и современите модели на финансирање.“
На настанот присуствуваа претставници од општините во Скопскиот регион и од Град Скопје. Преку презентации, дискусии и практични вежби, учесниците добија детални насоки за подготовка на пограма за енергетска ефикасност, годишен план за спроведување, како и информации за механизми за финансирање и пристап до податоци неопходни за енергетско планирање. Особен фокус беа практичните сесии за работа со бази на податоци, идентификување мерки за енергетска ефикасност и користење стандардизирани обрасци и табели развиени во рамки на проектот.
Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со организирањето на вакви обуки во сите плански региони, со цел секоја општина во државата да добие професионална поддршка за подготовка квалитетни, реални и финансиски одржливи програми за енергетска ефикасност.
Економија
(Видео) Потврдени квалитетот и безбедноста на македонското злато во трезорот на Банката на Англија, извести Народната банка
Во рамките на официјалната посета на Банката на Англија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и неговиот тим имаа исклучителна можност за работна посета на трезорот на Банката на Англија, каде што се чуваат златните резерви на Република Северна Македонија. Притоа беше извршен увид во златото и условите во кои се чува во трезорот на Банката на Англија. Проверките се дел од вообичаените активности на централните банки поврзани со нивната грижа за обезбедување највисоки стандарди на сигурност и безбедност во чувањето на монетарното злато, известуваат од Народната банка.
Народната банка на Република Северна Македонија, во состав на девизните резерви, располага со речиси 6,9 тони монетарно злато, со тековна пазарна вредност од приближно 800 милиони евра. Златото се чува во трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки, кои во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard – прачки со содржина на злато од најмалку 99,5 % или тежина од речиси 400 фини унци, односно приближно 12 кг). Одлуката тоа да се чува во Банката на Англија беше донесена во 2010 година имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста што ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон како најголем пазар на злато во светот.
По претходно доставено барање до Банката на Англија, беше издвоен и презентиран примерок од соодветен број златни прачки во сопственост на Република Северна Македонија. Гувернерот, заедно со својот тим експерти, изврши визуелна проверка на примероците, при што беше утврдено дека тие одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма, која соодветствува на утврдените стандардни спецификации.
Имајќи ги предвид исполнувањето на високите стандарди и пристапноста до учесниците на пазарот на злато во Лондон, ова злато, при поволни пазарни услови, покрај неговата значителна ценовна апрецијација, може да се искористи и за остварување дополнителни монетарни приходи преку пласмани на краткорочни депозити и склучување трансакции со злато со централни и првокласни странски деловни банки.
Во трезорот на Банката на Англија се наоѓа една од најголемите резерви на злато во светот. Банката на Англија се грижи за повеќе од 400.000 златни прачки вредни милијарди фунти. Златото се чува многу внимателно според највисоки безбедносни стандарди. Владата на Обединетото Кралство, банките и други влади во светот имаат право да чуваат злато кај Банката на Англија.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на транспарентно, ефикасно и одговорно управување со девизните и златните резерви во интерес на стабилноста и економскиот развој на државата, се додава во соопштението на Народната банка.

