Економија
Тиквеш ангажираше врвен француски енолог
Постојаното усовршување на виното и создавање на нови софистицирани вина и брендови – мешавини на повеќе сорти грозје, е една од клучните развојни цели на Винарската визба Тиквеш.
Постојаното усовршување на виното и создавање на нови софистицирани вина и брендови – мешавини на повеќе сорти грозје, е една од клучните развојни цели на Винарската визба Тиквеш.
Во исполнување на оваа стратешка цел, најголемата винарска визба во земјава го користи знаењето и искуството на некои од најреномираните светски познавачи на виното, како што е французинот Филип Камби, еден од петте врвни енолози во светот, со долгогодишно искуство во соработката со повеќе светски познати винарии.
„За мене овој ангажман во ВВ Тиквеш претставува огромно задоволство, но воедно и уникатно искуство. Вината на Тиквеш за мене се вистинско изненадување. Целиот свој работен век го посветив на создавање на врвни, неповторливи вина, чиј вкус никогаш нема да го заборавите или помешате со некој друг. Од она што го видов и вкусив, вината на ВВ Тиквеш имаат доволно потенцијал, уникатни карактеристики и квалитет за да се носат и со најпознатите светски вина. Мојата задача, заедно со другите енолози во ВВ Тиквеш, е да им дадеме уникатна и неповторлива завршница на која нема да можат да и одолеат и најпребирливите консументи на виното, а воедно ќе продолжат да ја раскажуваат приказната за Тиквеш и Македонија“, вели Филип Камби.
Камби потекнува од Јужна Франција, а неговото семејство традиционално се занимава со винарство. Дипломирал прехранбен инженеринг и енологија. Од 1998 г. работи во престижниот Институт за вино, кој соработува со 10 енолошки лаборатории во Франција и има 150 експерти кои работат на оваа проблематика. Како енолог соработува со повеќе врвни светски винарии, признати на интернационалниот пазар. Во неговиот пристап кон виното карактеристичен е по тесната соработка со винариите и инсистирањето вината на кои работи да го содржат оригиналниот вкус и карактеристика на поднебјето.
„Во последните неколку години успеавме да создадеме вина со врвен квалитет кои успешно се пробиваат на домашните и странските пазари. Сепак винската индустрија бара постојано усовршување и додавање на нови вредности, бидејќи консументите знаат да препознаат квалитетни својства и имаат пребирлив вкус. Оттука, ангажирањето на овој светски познат и врвен енолог е потврда за нашата определба и понатаму да ги задоволуваме софистицираните вкусови на консументите и да бидеме конкурентни“, вели Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на ВВ Тиквеш.Вината на ВВ Тиквеш се добитници на повеќе меѓународни награди за нивниот квалитет. ВВ Тиквеш е најголема винарија на Балканот и прва во Македонија која во процесот на производство на вино воведе најсовремена технологија, што овозможува задржување на оригиналните состојки на грозјето во виното и го гарантира неговиот врвен квалитет. /крај/форум/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

