Економија
Стопанска банка обезбеди 30 млн кредит за реновирање на РЕК Битола
Договор за кредит во висина од 30 милиони евра во денарска противвредност потпиша денеска Стопанска банка со АД „ЕЛЕМ и македонската влада.
Договор за кредит во висина од 30 милиони евра во денарска противвредност потпиша денеска Стопанска банка со АД „ЕЛЕМ и македонската влада.
Станува збор за најголем одобрен кредит од една комерцијална банка во Македонија во последната година и е наменет за модернизација на „РЕК Битола“.
На денешната свеченост беше подвлечено дека модернизацијата на трите термо блокови во „РЕК Битола“ е од исклучително значење за целокупниот електроенергетски систем во Македонија.
Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека се работи за најголемата инвестиција во „РЕК Битола“ од нејзиното пуштање во работа во 1988 година.
„Проектот за модернизација и автоматизација на „РЕК Битола“ покренува инвестиции во вкупен износ од 55,9 милион евра, од кои 30 милиони евра кредитно задолжување кај Стопанска банка, додека останатите средства во висина од 25,9 се сопствено учество на АД „ЕЛЕМ“, изјави Ставрески.
Тој додаде дека денешното потпишување за кредит во износ од 30 милиони евра, за кој владата обезбедува државна гаранција, претставува многу значаен чекор во напорите кој ги превзема владата за остварување на побрз економски раст и развој
Директорот на Стопанска банка Глигор Бишев информираше дека кредитот е со рок на отплата од 14 години, со вклучени 3 години грејс период, а каматната стапка е утврдена на месечен еурибор плус 4,75 проценти поени, што во моментов изнесува 5,16 отсто.
„Стопанска банка учеството во овој значаен проект го обезбеди на тендер на кој понуди најдобри кредитни услови и со тоа уште еднаш ја потврди својата сигурност, стабилност и капитална сила“, изјави Бишев.
Првиот човек на АД „ЕЛЕМ Влатко Чингоски изјави дека кредитното задолжување во овој инвестициски зафат пред се ќе биде насочено кон продолжување на експлоативниот век на термоблоковите за најмалку уште 120 милиони работни часови како и зголемување на довербата во работливоста на термоелектраните.
„Истиот треба да резултира и со зголемување на инсталираната моќност на секој од трите агрегати, за дополнителни 8,32 MW по блок, односно дополнителни 25 MW инсталирана можност за трите блока, преку подобрување на степенот за искористување на агрегатите за 3,7 отсто, тоа ќе значи зголемува на производството на струја од 160 до 200 гигаватчаса на годишно ниво без зголемување на потрошувачката на јаглен“, рече Чингоски. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
P2P.mk на e-Commerce конференцијата: Нови пари, нова филозофија
Да се биде дел од е-Commerce конференцијата, значи да се биде таму каде што се дефинира иднината на дигиталната економија.
Над 800 учесници, десетици стартапи, инвеститори и визионери и една заедничка мисла: дека финтекот не е само технологија, туку култура на доверба.
Во рамките на програмскиот блок „How to Get Funded – the Smart Way“, публиката имаше прилика да го слушне Гого Рафајловски и Теодор Тодоровски од кои на многу различен, но комплементарен начин ја раскажаа приказната за паметните инвестиции и фер системите.

Гого Рафајловски, претставник на Zephyr Angels, ја отвори сесијата со јасна порака:
„Кешот е кислород, не насока.“
Со таа реченица го постави темелот на дискусијата, дека капиталот сам по себе не е решение ако нема стратегија, фокус и интегритет.
„Smart money е секогаш подобро од easy money. Тракцијата вреди повеќе од трансакцијата. Финансирањето не е крајна цел, тоа е стартна линија.“
Веднаш потоа, Теодор Тодоровски, извршен директор на P2P.mk, донесе поинаков агол, оној на човекот кој ја гради платформата што ја редефинира довербата во финансискиот свет.

„Понекогаш најголемата иновација не е нова технологија, туку нов начин на однос. Во финансискиот свет, каде што сите зборуваат за проценти, ние решивме да зборуваме за принципи. Затоа што само кога системот е фер, бројките навистина имаат смисла.“
Со оваа порака, P2P.mk уште еднаш го потврди својот идентитет, платформа што не ветува чуда, туку создава фер услови: транспарентност, флексибилност и доверба што се заработува, не се купува.
По презентацијата, во рамки на P2P Networking Cocktail, се сретнаа стартапи, инвеститори и претставници на водечки компании од целиот регион.

Да се биде на е-Commerce Conference за P2P.mk значи дека новата генерација на финтек решенија од Македонија може да биде рамноправен играч на европската сцена.
И дека вистинската вредност не лежи во бројките, туку во принципите што ги прават тие бројки вистински.
ПР
Економија
Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците
Почнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во своето обраќање на официјална промоција на проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза, во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем што предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ги постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавците, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.

