Економија
Ванчо Муратовски доби две кривични пријави од ССМ
Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) ќе поднесе две кривични пријави против поранешниот в.д претседател Ванчо Муратовски, поради ненавремено плаќање данок во Управата за јавни приходи во висина од 1.760.000 денари, како и поради исплаќање на средства на адвокат во висина од 16.900 денари.
Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) ќе поднесе две кривични пријави против поранешниот в.д претседател Ванчо Муратовски, поради ненавремено плаќање данок во Управата за јавни приходи во висина од 1.760.000 денари, како и поради исплаќање на средства на адвокат во висина од 16.900 денари.
Освен овие неправилности во работењето на Муратовски како в.д претседател, во извештајот на комисијата за финансиско работење на Синдикатот наведено е и дека тој освен што го фалсификувал изборниот конгрес, самиот потпишувал договори за закуп на деловни простории во центарот на градот со многу пониска цена од пазарната, како и договори за примање на услуги од адвокати и оттуѓување на возила.
“Ова е последен пат што се занимаваме со Муратовски. Таа е завршена приказна за ССМ и таа тажна страна на синдикализмот предводена од Муратовски нема да се навраќаме. За два месеци од кога сум јас претседател направени се низа активности кои на некого не му беа доволни ни 7-8 години. Финансиската состојба сега се подобрува. Кога дојдов, наследив сметка од 159 000 денари, со некаде 8 милиони денари долгови и за првпат по три години ССМ почна да си ги плаќа долговите” – рече новиот в.д претседател на ССМ, Живко Митревски на денешната пресс конференција.
За неговото двомесечно раководење со Синдикатот, Митревски ги наведува како позначајни активности усогласувањето на колективниот договор за приватниот сектор, кој претходно не беше усогласен со Законот за работни односи, подобрување на културата на колективното преговарање и социјалниот договор, како и утврдување на елементите на имотно – социјално позиционирање на ССМ и подобрување на релациите со европската Конфедерација на синдикати. Митревски најави дека до крајот на месецов треба да се формира и економскиот социјален совет.
Лијана Јанкуловска од секторот за економски прашања на ССМ најави дека на есен треба да се очекуваат првите измени на законот за пензиско и инвалидско осигурување.„Настојуваме во Македонија да постојат повеќе услови за пензионирање, не само по основ на возраст туку и по други услови” – истакна Јанкуловска.Според извештајот за остварена правна заштита во текот на 2009 година, во Синдикатот за правна помош се обратиле вкупно 19.401 работници, што претставува 10 отсто повеќе од претходната година, а 116 се добиени пресуди. Најбројни поплаки за правна заштита во претходната година пристигнале од енергетскиот и од здравствениот сектор, потоа од градежништвото, текстилната индустрија и индустријата за чевли и кожа и од агро синдикатот./крај/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

