Економија
Најголема предност на нуклеарната енергија – не ослободува јаглерод диоксид
Лидерите на најголемите светски енергетски компании, меѓу кои и Шеврон Корпорејшн (Chevron Corporation) , Арева (Areva), „Росатом”,
Лидерите на најголемите светски енергетски компании, меѓу кои и Шеврон Корпорејшн (Chevron Corporation) , Арева (Areva), „Росатом”, разговараа за идниот развој на светската енергија, вклучувајќи ги изгледите на нуклеарната генерација и алтернативните извори на енергија во рамки на Петерсбуршкиот меѓународен економски форум.
Во алтернативната или обновлива енергија спаѓаат сончевата енергија, ветерот, биогоривата и др. Во Русија со алтернативна енергија се занимава компанијата “Росхидро”, која е втора во светот со инсталирани капацитети на хидропотенцијалот – 25 гигават часови, пишува РИА „Новости“.
Според претседателот на “Росатом” Сергеј Кириенко, денеска е потребно да се зборува за цела палета на извори на енергија, кои треба да се развиваат не само во перспектива, но и во сегашноста. Во оваа палета влегуваат нуклеарната генерација, ветерот и сончевата енергија.
„Сите тие заедно треба да создадат оптимален енергетски биланс”, рече Кириенко.
Од друга страна пак страна, министерот за економија на Холандија Марија ван дер Хувен смета дека приватните компании треба да инвестираат во алтернативните извори на енергија, а владите треба да обезбедат услови за развој и поддршка. Таа побара да се следи внимателно динамиката на цените на енергијата произведена од алтернативни извори.
„Нејзината цена треба да се намалува, инаку нема да може да се натпреваруваат со традиционалните извори”, истакна ван дер Хувен, а пренесе РИА „Новости“.
Извршниот директор на француската нуклеарна корпорација Арева (Areva) Ана Ловержон истакна дека во развојот на енергетскиот сектор треба да се земат предвид климатските промени со кои ќе се соочуваат идните генерации. Таа додаде дека во услови на “нуклеарна ренесанса” многу земји ќе сакаат да развијат нуклеарна генерација , бидејќи таа изгледа економски попривлечна.
Во овој контекст Ловержон истакна колку важно е да се почитуваат условите за ширењето на нуклеарното оружје, пренесе Бгнес.Кириенко истакна дека државата влијае на инвестициските одлуки во нуклеарната енергија, поставувајќи еколошки стандарди. “
„Најголемата предност на нуклеарната енергија – таа не ослободува јаглерод диоксид“, изјави Кириенко додавајќи дека со развојот на технологијата на реакторите со брзи неутрони ќе се реши и проблемот со радиоактивни отпадоци./крај/ РИА „Новости”/бгн/ит
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

