Економија
Солунското пристаниште се бори за македонската стока
Солунското пристаниште од почетокот на оваа година го зазема приоритетот кај македонските компании кои се занимаваат со бродски транспорт на стока.
Солунското пристаниште од почетокот на оваа година го зазема приоритетот кај македонските компании кои се занимаваат со бродски транспорт на стока.И покрај бројните штрајкови и проблеми со кои се соочува Грција, во изминативе месеци трговската размена меѓу Македонија и Грција бележи нагорна линија, сметаат меѓународните шпедитeри.
Стевица Чарапиќ, претседател на групацијата на меѓународните шпедитери при Стопанската комора на денешната презентација на Солунското пристаниште пред македонските бизнисмени рече дека потребна е презентација на солунското пристаниште, бидејќи веќе неколку пристаништа конкурираат за да добијат поголем дел од македонската роба, токму поради тоа што само пред две недели беше презентирано пристаништето во Бар како можност за македонските компании за бродски транспорт на роба,
„Ниту едно регионално пристаниште нема капацитет да ја опслужи комплетно македонската роба, а да не предизвика турбуленции во поглед на навремена испорака на робата“, рече Чарапиќ
Кусото работно време на царинарниците на пристаништето, како и долгите чекања на граничните премини, бавноста и неефикасноста на царината, санитарните инспекции и останатите служби, се едни од најголемите проблеми со кои се соочуваат нашите бизнисмени.„Она што го нуди Солунското пристаниште и што е предност е блискоста. Природниот пат на робата е секогаш најкраткиот пат, така да солунското пристаниште е во голема предност. Проблемите се штрајковите, како и кусото работно време на царинските служби. Исто така голем проблем се граничните премини“ вели Методија Сачмаровски, кој се занимава со поморски транспорт.
Македонските компании очекуваат од Солунското пристаниште ефикасна услуга и намалување на цените на услугите.Според менаџерот на пристаништето Агелудис Стилијанос се очекува до крајот на неделава да се прецизираат попустите за одредени услуги, како што се користење на контејнерите и намалување на таксата на туристичките бродови до 20 отсто.
Според Стилијанос, она што главно го нуди пристаништето е стратегиското место и поврзаноста со европската железничка мрежа, поевтини услуги од пристаништата во регионот и безбедноста.Тој очекува во скоро време да бидат надминати проблемите со бројните штрајкови на синдикатите и доцнењето при тргнувањето и пристигнувањето на товарните бродови.„Имаме недостаток од персонал и затоа одредени служби не работат за време на викендите. Изгубивме една и пол година за развој на пристаништето, бидејќи го подготвувавме докот за големите бродови“ рече Стилијанос.
Тој најави и дека до крајот на годината во пристаништето ќе се отвори логистички центар со што ќе се развие трговијата и движењето на стоката.„Солунското пристаниште треба да биде корисно за вас и да ги прифаќате неговите услуги“ – им порача Стилијанос на македонските бизнисмени.
Бизнисменот Штерјо Наков смета дека Царинските органи од двете земји треба да најдат начин да им олеснат на камионџиите при долгите чекања, особено во намалување на трошоците на чекање.крај/к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

