Економија
Тема на „Асошиејтед прес“: Заврши ерата на евтина Кина
Фабричките работници во Кина, кои бараат подобри плати и работни услови го најавуваат евентуалниот крај на ерата на мали трошоци, кои помогнаа јужниот крајбрежен дел на земјата да се претвори во светска работилница.
Фабричките работници во Кина, кои бараат подобри плати и работни услови го најавуваат евентуалниот крај на ерата на мали трошоци, кои помогнаа јужниот крајбрежен дел на земјата да се претвори во светска работилница. Серијата штрајкови во текот на изминативе два месеца беа груб повик за будење за многу странски компании, кои зависат од ниските трошоци во Кина за да можат да се натпреваруваат преку море: од изработувачите на божиќни дрвца, па се до производителите на помагала како што е „Ајпед“. Онаму каде што во некогашна Кина ниската технологија и бедните плати беа добредојдени, гладна да избега од изолацијата и од сиромаштијата, работниците сега бараат поголем дел од профитот. Во меѓувреме, владата ги форсира странските компании да вложуваат во области за кои веруваат дека ќе создадат поголемо богатство за Кина, како што е високата технологија. Многу компании се борат да останат профитабилни со тоа што ги префрлаат фабриките во поевтините области подлабоко во внатрешноста или во други земји во развој, а неколку дури и го обновуваат производството на Запад. „Кина ќе мине низ многу драматичен период. Големите компании почнуваат да излегуваат“, вели Рик Гудвин, ветеран на кинеската трговија во последните 22 години, чија компанија поврзува странски купувачи со кинески снабдувачи. „Имам 15 големи клиенти. Мојата работа е да им го дадам најдобриот совет што можам да им го дадам. Им велам како што е. Им велам, ставете си ги кацигите, ќе стане грдо“, додава Гудвин кој вели дека незадоволните работници и валутните промени кои многу тешко можат да се предвидат се неговите главни грижи.Одлуката на Пекинг да престане да го врзува јуанот за доларот, со што му дозволи да зајакне и со тоа да ги крене цените во јуани, ја мултиплицира несигурноста на компаниите, кои веќе се препелкаат со бедни профитни маргини. Неодамна, компанијата „Уам-О“, која го создаде хулахопот и уште многу други познати играчки, одлучи половина од своето производство на „Фризби“ да го врати назад во САД. Дури и некои сектори каде што истражувањето е од суштинско значење, како што е фармацевтската, биотехничката и другите природно-научни индустрии исто така се премислуваат во врска со Кина поради цела низа причини, вклучувајќи и трошоците и иницијативите кои ги покренаа некои друг земји.„Природно-научните компании вратија дел од производството од Кина во САД. Во некои случаи, САД стануваат поевтини“, вели Шон Корел, директор на консалтингот во компанијата „Емпторис“ од американската сојузна држава Масачусетс. Ова наскоро може да почне да важи и за издавачите. Печатење на книга со тврд повез од 334 страници и формат 27 на 27 сантиметри во Кина сега чини од 44 до 45 центи и уште три центи за превоз, вели Гудвин. Да се испечати истата книга во САД чини 65 до 68 центи.„Ако цените се качат за една половина, ќе бидат речиси исти со оние во САД, со тоа што несе чека цел месец додека пристигнат“, вели тој. Дури и со последните покачувања, платите на кинеските работници се само мал дел од оние на нивните американски колеги. Но, студиите веќе покажуваат дека вкупната ценовна предност се топи. Трошоците за работна сила се качуваат по отприлика 15 проценти годишно од донесувањето на законот за работни односи во 2008 година, со кој работниците станаа многу посвесни за своите права. Даночните преференции за странските компании завршија во 2007 година. Цената на земјиштето, на водата и на енергија секојдневно растат. Во последното истражување, објавено во февруари, фирмата за реструктуирање „Аликс Партнерс“ се открива дека во глобала Кина е поскапа од Мексико, Индија, Виетнам, Русија и Романија. Особено Мексико се здоби со предност благодарејќи на Северноамериканскиот договор за слободна трговија и брзиот, евтин камионски превоз, вели Мајк Ромери, исто така од „Емпторис“. Произведувачите на играчки и помагала, божиќни дрвца и евтини чевли веќе се преполовени или си заминале, некои во Виетнам, Индонезија или Камбоџа. Но, овие земји ги немаат огромната работна сила, инфраструктурата и пазарите кои што може да ги понуди Кина и повеќето се соочуваат со истите работнички проблеми како и Кина. Засега, најголемиот ефект од ваквата ситуација се чувствува во и околу Шенжен, поранешното рибарско селце во провинцијата Гвангдонг, која се граничи со Хонг Конг и која вдомува илјадници извозни производители. Меѓу нив е и тајванската фабрика, снабдувач на „Епл“ со „Ајфон“ и „Ајпад“. Како одговор на серијата самоубиства меѓу нејзината работна сила од 400.000 работници, „Фокскон технолоџи“ одговори со покачување на платите речиси двојно,, на 290 долари. Снабдувачите на „Хондамотор ко“ и на „Тојота мотор корп“, кои не можат да здивнат од штрајкови, исто така ги покачија платите. „Фокскон технолоџи“ одбива да ги коментира гласините дека ќе го сели поголемиот дел од своето производство во осиромашената провинција Хенан во централна Кина, каде што на сајтот на локалните власти се нудат десетици илјади работници. Но, меѓу другите проекти во внатрешноста, „Фокскон технолоџи“ се здружува со најголемите глобални произведувачи на компјутери за да го изградат она што најверојатно ќе биде најголемата зона за производство на лаптопи во светот, која ќе биде сместена во Чонгќинг, град во западна Кина, каде што трошоците за работна сила се проценуваат на 20 до 40 проценти помалку од оние во крајбрежните градови. Но, ако се земат предвид синџирот на снабдување и логистичките системи кои помогнаа јужна Кина да стане најмоќна извозна производствена сила, ваквите промени нема лесно да се случат. Но, за оние производители кои се во потрага по зголемена продажба внатре во брзорастечката Кина, со тоа што ќе го префрлат производството во областите во внатрешноста од каде што потекнуваат повеќето сегашни мигрантски работници и каде што трошоците се многу пониски, ова е најреалистичната алтернатива. „Новата игра е да се најде начин да се работи домашниот пазар“, вели Гудвин. Многу фабрики во Фошан, уште еден град во провинцијата Гуангдонг, кои исто така се соочија о серија штрајкови, во изминативе неколку месеци почнаа да си заминуваат, најмногу во посиромашните провинции во внатрешноста Хенан, Хунан и Џиангѕи, тврди Лин Лијуан, декан на приватниот Институт за територијална економија од Гуангжу. Огромните инвестиции во патишта, железници и друга инфраструктура ја намалува изолацијата на градовите во внатрешноста и дел од деценискиот проект „Развој на западот“, стратегија наменета за намалување на огромниот, политички опасен јаз во богатството помеѓу граѓаните и земјоделците од внатрешноста, кои ги има преку 600 милиони. Коцкајќи се дека немирите нема да се прелеат од големите фабрики во странска сопственост, кинеските лидери ја користат шансата да ги пренасочат инвестициите во региони кои се влечкаат зад индустрискиот бум на земјата. А имаат многу малку избор. Многумина од денешните фабрички работници имаат поголеми амбиции од нивните родители, кои главно ги штедеа своите заработки од составувањето играчки и телевизори, за да можат да се пензионираат во своите родни места во внатрешноста. Тие, исто така, се многу попребирливи во врска со платите и работните услови.„Судирите ја предизвикуваат моменталната поставеност на производство со ниски плати и ниска технологија и можат да катализираат трансформација на кинескиот индустриски сектор“, вели Ју Хаи, професор по социологија на универзитетот во Шангај, „Фудан“. /крај/ сс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

