Економија
Двојно зголемен германскиот буџетски дефицит

Ниту најголемата стапка на раст на германската економија во последните две децении, од 2,2 проценти во вториот квартал од годината, не го спречи буџетскиот дефицит на земјата во првата половина од годината да биде двојно зголемен.
Ниту најголемата стапка на раст на германската економија во последните две децении, од 2,2 проценти во вториот квартал од годината, не го спречи буџетскиот дефицит на земјата во првата половина од годината да биде двојно зголемен.
Според податоците објавени од Федералното статистичко биро, Дестатис, дефицитот на германскиот владин буџет во првото полугодие е зголемен на 42,8 милијарди евра или на 3,5 проценти од бруто домашниот производ, од 18, 7 милијарди евра колку што бил пред една година – објави „Волстрит журнал“.
Германија со ваков резултат е на добар пат да го наруши прописот на Европската Унија кој налага дека буџетскиот дефицит не смее да биде повисок од три проценти од БДП.
Дестатис исто така ја потврди и првичната прогноза за раст на БДП во вториот квартал од 2,2 проценти./крај/сме/бч
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Усвоен најновиот Квартален извештај со пролетните макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка.
Основната макроекономска слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со октомвриските проекции.
Растот на домашната економија постепено би забрзувал во периодот на проекциите 2025 − 2027 година. За оваа година се очекува раст од 3%, што претставува мала надолна ревизија во однос на октомвриската оцена, во услови на понеповолно надворешно окружување. За периодот 2026 − 2027 година, оцените и понатаму покажуваат раст на економската активност од 4%. Се очекува дека главен носител на економското закрепнување ќе бидат пред сè инвестициите, поддржани од јавниот инфраструктурен циклус и странските инвестиции. Позитивен поттик се очекува и од личната потрошувачка, во услови на раст на расположливиот доход и на кредитирањето. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни, велат од Народната банка.
Во периодот на проекциите се очекува натамошен тренд на забавување на инфлацијата. Најновите оцени упатуваат на просечна стапка на инфлација од 3% во 2025 година, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%. Оваа промена ги одразува малку повисоките остварувања во првиот квартал оваа година, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи. Сепак, и натаму се очекува дека инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2% во 2026 година и ќе се задржи на тоа ниво и во 2027 година. Ризиците за инфлацијата во најголема мера се поврзуваат со геополитичките тензии, трговската неизвесност предизвикана од протекционистичките политики, нарушувањата на синџирите на снабдување и климатските фактори.
И натаму се очекува стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. За 2025 година се предвидува умерено продлабочување на дефицитот на 3,2% од БДП. Ваквите поместувања во најголем дел ќе произлезат од понискиот суфицит кај секундарниот доход, согласно очекувањата за стабилизирање на номиналниот износ на нето-приливите од приватните трансфери, како и од проширувањето на дефицитот на стоки и услуги. За преостанатиот период на проекцијата, 2026 − 2027 година, се очекува подобрување на тековната сметка, при проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,7% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од странските директни инвестиции и долгорочното задолжување на државата. Значајно е да се напомене дека во целиот период на проекцијата се очекува задржување на девизните резерви на соодветното ниво.
Банкарскиот систем и понатаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка за економијата. До крајот на 2025 година, се очекува дека кредитниот раст ќе изнесува 9%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,3% за периодот 2026 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2025 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,5%, а на среден рок за периодот од 2026 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.
Во првото тримесечје на 2025 година, Народната банка продолжи со постепеното нормализирање на монетарната политика, со намалување на каматната стапка во февруари. Оттогаш наваму не се направени промени во монетарната политика, во услови на поволни движења, но поизразени ризици. Засега, се оценува дека сегашната поставеност е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и ризиците од надворешното и од домашното окружување. Народната банка како и досега внимателно ќе ги следи движењата кај најважните показатели и ризиците од надворешното и домашното окружување и ќе ги презема сите неопходни мерки користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност, соопшти НБ.
Економија
Над 8 милијарди денари исплатени субвенции за земјоделците, рече Мицкоски

Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со податокот за следење на состојбите во земјоделството во Македонија, соопштен од Државниот завод за статистика, изјави:
„Имаме двоцифрен раст на аутпутот, односно зголемување на цените кон откупувачите, коишто генерално оди за извоз, и би рекол незначителен 1,2 2 % зголемен импут во трошоците, во расходната страна на земјоделците. И тоа е веќе неколку месеци и тоа е одлично. Тоа е одличен параметар, тоа значи повеќе пари за инвестиции и повеќе пари за земјоделците.“, информираше премиерот.
Што се однесува до поддршката која ја дава оваа Влада за земјоделците, премиерот напомена дека изминатата година се дадени повеќе од 8 милијарди денари, пари за исплата на заостанати субвенции од 2021 година.
„Од 2021 плаќавме од 2021, 2022, 2023-та и 2024-та година, мислам дека е заокружена. Сега треба да се размислува за тековната година. Така што од 2021 година се плаќаат заостанати субвенции од 8,6 милијарди денари, од прилика.“, објасни Мицкоски.
Економија
Средба на гувернерот Славески со ММФ: Народната банка е професионална, независна и кредибилна институција

Претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја истакнаа улогата на Народната банка како професионална, независна и кредибилна институција, којашто со своето делување значително придонесува за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност во земјава. Тие искажаа задоволство од досегашната проактивност во водењето на монетарната политика и постојаното унапредување на регулативната и супервизорската рамка.
Оваа порака беше упатена за време на првата официјална средба на гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, со регионалниот претставник на ММФ, Себастијан Соса и новиот шеф на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили. Средбата се одржа во духот на продолжувањето на долгогодишната и конструктивна соработка, во интерес на одржувањето стабилен и отпорен економски систем.
Гувернерот Славески во своето обраќање ја истакна определбата на Народната банка за одржување на стабилноста, како и за понатамошно унапредување на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на институцијата. Тој истакна дека Народната банка и во иднина ќе биде внимателна и проактивна при водењето на монетарната политика, постојано следејќи ги и анализирајќи ги и внатрешните, и надворешните ризици.
На средбата беа споделени мислења за сегашната економска и финансиска состојба, со осврт на светските економски движења и на нивните можни ефекти врз домашната економија. Соговорниците се осврнаа и на оцените и препораките од последната мисија на ММФ во рамките на редовните консултации според членот IV од Статутот на Фондот.
Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошна силна соработка и координација, заради навремено справување со потенцијалните предизвици и поттикнување стабилен развој. Соговорниците се согласија дека за справување со предизвиците од светската економска сцена се потребни конзистентни, одговорни и усогласени политики, при што постојаната поддршка и експертиза од страна на меѓународните партнери, како што е ММФ, има огромно значење.