Економија
Владата очекува стабилна економија и пораст кон крајот на годината
Стабилна економска ситуација, со стабилни приходи во Буџетот и нивен пораст во последниот квартал од годинва, се очекувањата на Владата во однос на економската ситуација во државата, изјави новоизбраниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски
По завршувањето на состанокот кај премиерот Никола Груевски, новиот вицепремиер задолжен за економскиот сектор Владимир Пешевски на новинарите им изјави дека во однос на економската состојба во државата во текот на летото се очекува стабилност, но не онаква каква што беше најавена од некои министри.„Приходите во Буџетот очекуваме да бидат стабилни, со благ раст во последниот квартал од годината“, додаде Пешевски. Вицепремиерот не сакаше да дава прогноза дали ќе се направи ребаланс на Буџетот, откако веќе поранешниот министер за финансии Трајко Славески препорача од собраниската говорница при неговото разрешување. Пешевски најави дека следната недела ќе има повеќе информации за тоа, но го потенцираше дека оптимизмот го темели на запирањето на падот на девизините резерви. „Она што знаеме е дека падот на девизните резерви е сопрен, а во последниот месец има и покачување, што значи дека определени мерки што биле преземени предхоно од Владата дале резултати. Обично политиките кои се воведуваат не даваат резултати на краток рок, туку е потребно малку повеќе време. Значи определни позитивни сигнали веќе се гледаат. Да не се лажеме, периодот во кој се наоѓаме е доста тежок и сложен, но мора да работиме со оптимизам бидејќи нема напред ако нема оптимизам“, изјави Пешевски.Одговорајќи на прашањата за потребите на приватниот сектор во кој се чувствува кризата и кои ќе бидат приоритетите на Владата, новиот вицепремиер ја нагласи важноста од зачувување на стабилниот курс на денарот.„Кај компаниите многу е важна стабилноста на курсот на денарот што е приоритет за Владата и сакам да порачам дека барем во оние мерки што се во нејзин домен, ќе сториме се’ тој да биде задржан. Работиме на некои други мерки. Во текот на третиот квартал ќе дојде и до операционализација на кредитот од Европска инвестициона банка за кој очекуваме да даде позитивни ефекти. Веќе има сериозни најави и од компании каде што делумно ќе биде употребено за подобрување на нивната ликвидност, а во определни случаи така и самата мерка е дизајнирана, да биде употребена и за инвестициони активности“, одговори Пешевски.За неговиот став во однос на буџетската политика и дали таа во време на криза треба да биде поекспанзивна или треба да се штеди и каква треба да биде структурата на расходната позиција на буџетот, Пешевски рече дека во овој момент не би можел да даде прецизен одговор и оти му е потребна подобра координација со министерот за финансии. Покрај премиерот Груевски на работниот состанок попладнево во Владата присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и министерот за труд и социјална политика Џељал Бајрами. Тоа беше прв координативен состанок со министрите задолжени за економскиот сектор заедно со премиерот Груевски за негово запознавање со проектите и случувањата во економската сфера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

