Економија
Позитивни перцепции за претприемаштвото
Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет во Скопје (БСЦ), во вторник го промовираа извештајот „Претприемништвото во Македонија“
Истражувањето извршено во рамките на најголемото истражување за претприемништво во светот – Глобален монитор на претприемништво (ГЕМ), покажа дека во Македонија, генерално, постојат позитивни перцепции за претприемништвото. 80 отсто сметаат дека претприемништвото е добар избор за кариера и 66 отсто дека медиумите му придаваат соодветно внимание на претприемништвото. Единствено 35 отсто од испитаниците сметаат дека стравот од неуспех би ги спречил да започнат бизнис, а 40 проценти би започнале во следните три години.Македонија има највисока претприемничка активност од земјите во Европа во кои е правено истражувањето ГЕМ, мерено преку клучниот индекс ТЕА (Total Early-Stage Entrepreneurial Activity). Индексот ТЕА за Македонија изнесува 14,5 проценти. Тој означува дека 14.5 отсто од испитаниците на возраст 18-64 години се претприемачи. Притоа, половина од нив се претприемачи во зачеток (имаат деловни активности до три месеца), а половина се нови (имаат деловни активности до 3,5 години). За половина од претприемачите во Македонија претприемништвото е нужност, додека за другата половина претставува можност.Во Македонија е поверојатно да се биде претприемач доколку некој е маж, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и повисоко ниво на приходи. Иако ова се карактеристики и во глобални рамки, сепак вреди да се спомене дека јазот меѓу мажите и жените во Македонија е нешто поголем од нивото на земјите од регионот. Од друга страна, најмладата популација (18-24 години) има значително повисока склоност кон претприемништво од земјите во регионот.Во поглед на најчести причини за престанок со бизнис се наведуваат непрофитабилноста на бизнисот и проблемите со финансирањето. Најчести неформални инвеститори на претприемачите се блиски членови на семејството, а најчести извори на формално финансирање се кредити од банки.МРФП и БСЦ, како дел од лиценцираниот Национален тим на ГЕМ во земјата, за прв пат во Македонија, ја спроведоа годишната оценка на претприемништвото на национално ниво. Методологијата на истражувањето е воспоставена во 1999 г. од страна на Колеџот Бабсон од Бостон и Лондонската школа за бизнис.Извештајот е резултат на потребата да се оценат перцепциите и ставовите за претприемништвото како и самите претприемачки активности и аспирации на претприемачите. Истражувањето опфаќа телефонска анкета на две илјади граѓани и консултации со повеќе стручни лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
УЈП: Пилот фазата на е – фактура покажува конкретни резултати, најавени се 148 компании
Управата за јавни приходи информира дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.
До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата.
„Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата. Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.
Корисни линкови за вклучување во тестирањето:
Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Сугестии и забелешки: [email protected]
„Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови. Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза“, велат од УЈП.

