Економија
Опел ќе скрати 8.300 работни места

Повеќе од половината откази во автомобилскиот гигант ќе бидат поделени во Германија, соопшти директорот на компанијата, Ник Рејли
Германската автомобилска компанија „Опел“ ќе скрати 8.300 работни места од вкупно 50.000 во Европа во рамките на планот за преструктуирање.Повеќе од половината откази ќе бидат поделени во Германија, соопшти директорот на компанијата, Ник Рејли.Филијалата на американскиот гигант „Џенерал Моторс“ исто така потврди дека го затвора својот погон во Антверпен, што ќе резултира со отпуштање на 2.377 работници.Опел ќе отпушти вкупно 3.911 работници во Германија, од кои 1.799 во Бохум, 862 Руселсхајм, 300 во Кајзерслаутерн. Останатите отпуштени се од администрацијата и одделите за продажба.Шпанија, исто така, ќе биде засегната со скратувањето на 900 работни места во Сарагоса, како и Велика Британија каде ќе бидат отпуштени 519 лица.Џенерал Моторс очекува да добие 2,7 милијарди евра државна помош за да ги оствари своите планови, потврди Рејли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Перински: Нови 116 милиони денари за поддршка на развојот на најмалку развиените региони

Денеска, на 40. седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која претседаваше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, беа разгледани и усвоени предлог одлуките за распределба на средства од Програмата за рамномерен регионален развој. Практично, со ова заврши првата фаза за распределба на средствата од буџетската Програма за рамномерен регионален развој и одлуките ќе бидат доставени до Владата на усвојување, со што ќе се овозможи финансирање на 47 проекти во вкупна вредност од приближно 116 милиони денари.
Проектите што ќе бидат поддржани се насочени кон развојот на планските региони, подрачјата со специфични развојни потреби, селата и урбаните подрачја. Средствата се распределуваат според степенот на развиеност на регионите, при што најголема поддршка добиваат регионите со најнизок степен на развој.
„Оваа програма е од исклучително значење за нашата држава. Соодветната распределба на финансиските средства ќе придонесе за зајакнување на локалните заедници, унапредување на инфраструктурата и создавање подобри услови за живот на граѓаните“, истакна министерот Перински по седницата на Советот кој практично е координативно тело меѓу надлежните министерства што имаат буџетски програми со влијание на регионалниот развој, но обезбедува и координација со Советите за развој на планските региони, каде членуваат градоначалниците од соодветниот плански регион.
Економија
Огњен Лазиќ ја презема функцијата генерален директор на Пивара Скопје

Од 1 јуни, нов генерален директор на Пивара Скопје е Огњен Лазиќ. Тој доаѓа на местото на Душан Митрев, кој е унапреден на нова позиција во рамки на Coca-Cola HBC групацијата.
Новиот генерален директор Лазиќ доаѓа од позицијата директор за маркетинг и комерцијална извонредност во „Бамби“, Србија. Има богато искуство во индустријата за пијалаци и финансиски менаџмент, како и во управување со развој на стратегии за раст на бизнисот.
„Голема чест е да се преземе раководење на компанија со едновековна традиција, која зад себе има препознатливост, стабилност, тим со искуство, но и огромен потенцијал за раст. Заедно со тимот ќе работиме на унапредување на ефикасноста, воведување иновации во работата, проширување на нашето портфолио и уште поголема поврзаност со консументите. Целта е јасна, да останеме вистински 24/7 партнер за пијалаци и прв избор на пазарот“ изјави Лазиќ.
Лазиќ претходно бил директор за финансии на „Бамби“ од 2018 година, а исто така работел и во индустријата за пијалаци и како консултант во ЕУ. Лазиќ е препознатлив по својот иновативен пристап во менаџирањето, како и по креирање ефикасни синергии помеѓу различни сектори и тимови, со цел подобрување на резултатите и оптимизација на процесите.
Неговата експертиза и постигнати резултати ќе бидат силна основа за понатамошен раст на Пивара Скопје, со фокус на иновации во бизнисот, унапредено корисничко искуство и поттикнување на развој на таленти во рамки на компанијата.
Пивара Скопје останува посветена на својата мисија, да креира 24/7 портфолио за секој ден од денот слушајќи ги потребите на консументите. Компанијата продолжува да работи на јакнењето на позициите на пазарот, градењето највисоко ниво на задоволство кај потрошувачите, како и со реализацијата на бројни општествено-одговорни проекти кои се една од нејзините главни одлики. Пивара Скопје е дел од глобалните групации Coca-Cola HBC и Heineken N.V.
ПР
Економија
Божиновска: Соларни покриви, стабилни сметки, Македонија гради енергетска иднина за сите

Македонија е подготвена за нов енергетски модел – праведен, транспарентен и социјално одговорен. Тоа беше пораката на денешниот настан на кој беше промовиран извештајот на Центарот за развој на ОЕЦД: „Цени на енергија и субвенции во Западен Балкан: Реформи за фер и зелена иднина“, на кој се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Извештајот, подготвен со поддршка на меѓународни партнери, дава јасен преглед на фискалните трошоци поврзани со субвенционирањето на енергијата, со посебен фокус на периодот на енергетската криза во 2021–2022 година.
Според анализата, Македонија во периодот 2018–2023 издвојува сериозни средства, директна поддршка за енергетскиот сектор. Како што истакна министерката Божиновска, најголем дел од овие средства биле наменети за амортизирање на ценовните шокови и заштита на животниот стандард на граѓаните во време на глобални кризи. Но, како што укажува и извештајот, постојниот модел на униформни субвенции често придонесува за поголем трансфер кон домаќинствата со повисока потрошувачка, наместо кон ранливите категории.
„Со новиот Закон за енергетика направивме клучен исчекор – преминуваме од универзална поддршка кон таргетирана социјална заштита, базирана на реалните услови на домаќинството, а не само на потрошувачката,“ изјави Божиновска, најавувајќи дека во соработка со Министерството за социјална политика се воспоставува и методологија за мерење на енергетската сиромаштија.
Министерката го потенцираше и системот на блок-тарифи што се применува од јули 2022 година, но посочи на неговите ограничувања: „Семејства со повеќе членови или лица со хронични заболувања, кои имаат реална потреба од повисока потрошувачка, се изложени на повисоки цени и покрај нивниот социјален статус.“
Во панел-дискусијата со клучни чинители од институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, беа отворени прашањата за либерализацијата на пазарот, финансирањето на енергетската транзиција и потребата од иновативни решенија и праведна распределба на јавните средства.
Законот за енергетика предвидува и нови механизми за заштита на ранливите потрошувачи – како директна финансиска поддршка, забрана за исклучување од мрежа во зимски услови и субвенции за енергетска ефикасност. Дополнително, се воведува и можност секој потрошувач да го смени својот снабдувач за струја во рок од 48 часа, без трошоци, што го отвора пазарот за фер конкуренција.
„Овој закон не е само техничка регулатива – тој е одраз на нашата решеност да изградиме енергетски систем кој ќе биде економски одржлив, социјално праведен и еколошки одговорен. Нашата визија е јасна – Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја,“ изјави Божиновска, потенцирајќи дека токму извештаи како овој на ОЕЦД се алатка за подобри политики, со јасна цел – фер транзиција во која никој нема да биде изоставен.
Настанот ги обедини носителите на политики, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни организации во заедничка заложба за фер и зелена енергетска иднина на Македонија.