Економија
Ирска ќе добие помош од ЕУ и ММФ
Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) изразија подготвеност да и излезат во пресрет на Ирска, која синоќа и официјално побара финансиска помош.
Ирскиот премиер Брајан Кауен соопшти дека европските институции доцна синоќа и одобриле пакет финансиска помош на Ирска од десетина милијарди евра, пренесоа светските агенции.
Притоа Кауен не го наведе точниот износ на помошта од ЕУ, истакнувајќи дека деталите ќе бидат прецизирани во наредните денови.
Аналитичарите проценуваат дека помошта која ќе биде наменета за спас на ирскиот банкарски систем, но и стабилноста на еврото, ќе изнесува помеѓу 80-90 милијарди евра.
Министрите за финансии на ЕУ, вчера попладне одржаа телефонска конференција, на која што го поддржаа барањето на Ирска, за финансирање на буџетскиот дефицит, пренесе Ројтерс.
„Го поздравуваме барањето на ирската влада да побара финансиска помош од ЕУ и ММФ“, изјави еврокомесарот за економија и финансиска политика Оли Рен, додавајќи дека со пружањето помош на Ирска ќе се сочува финансиската стабилност на Европа.
Рен информираше дека експерти на Европската комисија, на Европската централна банка и на ММФ во наредните денови ќе го подготват деталите околу помошта.
Истовремено и директорот на ММФ, Доминик Штрос-Кан ја поздрави одлуката на ЕУ за одобрување на помошта на Ирска, најавувајќи дека и ММФ е подготвен да се придружи со одобрување на повеќегодишен заем.
“Го поздравувам одговорот на ЕУ и државите членки на еврозоната позитивно да одговорат на барањето на ирската влада за финансиска помош. На барање на ирските власти ММФ е подготвен да се придружи кон напорите за сочувување на финансиската стабилност“, рече Штрос-Кан.
Пакетот помош на Ирска, кој треба да и биде исплатен во наредните три години, има за цел да го покрие буџетскиот дефицит од 19 милијарди евра и да го зајакне финансискиот систем на државата, кој е сериозно разнишан по колапсот на пазарот за недвижности.
Ирска ќе биде првата држава што ќе добие помош од посебниот фонд наменет за државите членки на еврозоната, кои што ќе се соочат со финансиски проблеми, а експертите стравуваат дека и други држави ќе го следат овој чекор и ќе се обратат за финансиска помош. /крај/х/р/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

