Економија
ЕПЛ го купи кампусот на Хјулит – Пакард со површина од 40 хектари
Компанијата Епл (Apple) го купи од Хјулит – Пакард (Hewlett-Packard HP) нејзиниот кампус во калифорнискиот град Купертино кој се смета за дел од познатата Силиконската долина, со површина околу 40 хектари, пишува порталот All Things Digital.По остварувањето на овој договор со ХП, Епл ќе стане најголем земјопоседник во градот Купертино. Со стекнувањето на парцелата што е на пет минути возење со автомобил од седиштето, Епл за повеќе од двојно ја зголеми својата сопственост во Купертино, пишува порталот. Износот на трансакцијата не е објавен, но имајќи ги предвид цените на недвижности, експертите проценуваат дека станува збор за зделка од најмалку 300 милиони долари, пишува Ројтерс.Како што пишува весникот Меркури Њус (Mercury News), ХП летово ги објави плановите за продажба на кампусот во Купертино, што го поседуваше неколку децении. Во следните две години, Хјулит Пакард планира да пресели неколку илјади вработени од Купертино во своето седиште во Пало-Алто во рамките на консолидацијата на работењето на компанијата.Во поранешниот кампусот на ХП ќе бидат сместени нови кадри на Епл: само минатата година, компанијата ангажираше 12.300 вработени, зголемувајќи го својот персонал на светско ниво на 46.600 вработени.Седиштето на Епл е лоциранo на површина од 14 хектари, каде што во 1977 г., основачите на компанијата Стив Џобс и Стив Вознњак го пренесоа својот бизнис, започнат во гаража од куќата на родителите на Џобс во блискиот град Лос-Алтос.Втората аквизиција од страна на Епл во Купертино со површина од 20 хектари, беше направена во 2006 г. Покрај тоа, оваа компанија користи уште неколку засебни објекти во истиот град, некои од нив работат како продажни канцеларија. Според Џобс, работа во Купертино е многу поскапа од другите варијанти, но компанијата свесно влегува во овие трошоци./крај/ројтерс/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст
Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.
Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“
Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
Економија
Од полноќ поскапуваат горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,33 % во однос на одлуката од 22.3.2024 година.
Од 26.3.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 85,00 (денари/литар)
моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 87,00 (денари/литар)
дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 77,00 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 44,776 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 1,00 денар/л, а малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕРОТ БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,979 денари/кг и сега ќе изнесува 44,776 денари/кг.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,028 %.