Економија
Словачка размислува за враќање на круната

Претседателот на словачкиот парламент Ричард Сулик, покрена дебата за евентуално враќање на претходното платежно средство – словачката круна. Претседателот на втората најсилна владејачка партија „Слобода и солидарност“ е првиот политички лидер во Словачка кој ги охрабри подготовките за планот за повторно воведување на словачката круна. Причина за тоа е актуелната криза во еврозоната.Министерството за финансии ја одби таа идеја, наведувајќи дека Братислава има намера да се насочи кон спроведување на правила за оздравување на јавните финансии во европските земји.Словачка влезе последна во Унијата на европската валута во 2009 година. Ги претекна околните посткомунистички земји и стана најсиромашниот член на клубот во кој се плаќа со евра. По избивање на кризата во Грција, единствено Словачка одби да и даде позајмица на Атина, но го поддржа основањето на Фондот за поддршка во облик на кредит и гаранција, кој прв ќе го користи Ирска. крај/блиц/к.с
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маркетите со закон ќе бидат обврзани да ги објавуваат цените на веб-страниците, вели Мицкоски за мерката што не се применува

Маркетите законски ќе бидат обврзани на веб-страници јавно да ги објавуваат цените на сите производи што ги нудат. Оваа мерка, која лично премиерот Христијан Мицкоски ја предложи, беше најавена во последниот пакет-мерки за намалување на цените на производите, но сè уште не се применува оти се потребни законски измени.
„Во парламентот ќе имаме законски измени, треба првин тие да се донесат за да може потоа сето ова да се примени. Иако тоа наиде на потсмев кај одредени медиуми и кај опозицијата, таканаречениот израелски модел, гледаме доста од европските влади веќе го прифаќаат како таков. Ние бевме меѓу првите, во собраниска процедура е измената на законот. Откога ќе биде завршена и донесен законот, сметајте дека тие ќе бидат обврзани и ќе мора да го почитуваат сето тоа“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денес во Владата.
Објавувањето на цените на сите производи како мерка премиерот Мицкоски го предложи пред две недели за да може граѓаните јасно да видат колкави се цените и да одлучуваат каде ќе пазаруваат.
Обврската за објавување на цените на сите производи кои ги нудат маркетите се предвидува со измени на Законот за заштита на потрошувачите предложени од парламентарното мнозинство.
Економија
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, лицемерен бил предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата

Лицемерни се предложените измени од пратениците од СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата, изјави Игор Здравковски од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкото мнозинство не даде поддршка за овој предлог во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по седум години власт, социјалдемократите предлагаат мерка за намалување на ДДВ на храната и струјата, а претходно ги зголемија стапките на ДДВ на стотици артикли.
„Во ситуација на енергетска криза, кога цената на берзите беше над 800Е за MWh, тие беа глуви на барањата на потрошувачите, на опозицијата и на граѓаните, па не дадоа ниту време, ниту модус да застанат на страна на граѓаните. Напротив, го искористија моментот да го искрадат и уништат енергетскиот сектор преку матни тендери. Економските и енергетските генијалци, успеаја цената на производот на електрична енергија да ја качат од 45Е на 133Е за MWh. Денес цената на струјата е стабилна, а покачувањето е 1,48 отсто во последните 8 месеци“, рече Здравковски.
Како што додаде, со активните мерки со ограничување на маржите ќе има запирање на инфлацијата на храната, а со тоа и заштита на стандардот на граѓаните.
До СДСМ порача, наместо да се однесуваат лицемерно,во иднина да ги прифатат мерките на Владата и конструктивно заедно да работат за доброто на граѓаните.
Предлогот на СДСМ предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема. Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Пратеникот Фатмир Битиќи изјави дека нмалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните.
Економија
Од полноќ поевтинуваат горивата

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,256% или за 9,300 $/тон, кај дизелот намалувањето е во просек за 0,356% или за 2,550 $/тон, кај екстра лесното масло намалувањето е во просек за 0,325% или за 2,300 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,247% или за 1,200 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 81,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), се намалуваат за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 73,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,012 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на
нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 46,178 ден/кг.