Економија
Нов штрајк му се заканува на „Бритиш ервејс“

Повеќе од десет илјади вработени како кабински персонал на „Бритиш ервејс“ ќе учествуваат на гласањето што го организира синдикатот Јунит од 21-ви декември годинава до 21-ви јануари 2011 г., по што ќе се знае дали ќе има нов штрајк на вработените во авиокомпанијата или не, пишува британскиот весник „Телеграф“. Во случај на позитивна одлука од гласањето, првата акција што ќе биде преземена од страна на синдикатот, односно организирање на штрајк, би можело да се одржи една седмица по завршувањето на синдикалното гласање. Последниот штрајк на персоналот на авиокомпанијата се одржа на 20 јули годинава, како резултат на спорот меѓу синдикатот Јунит и „Бритиш ервејс“ кој почна уште во 2009 г. поради плановите на компанијата да го намали бројот на членовите на екипажот на долгите дестинации од 15 на 14 лица и на двегодишен период да ги замрзне платите на вработените. Синдикатот незадоволен од фактот дека овие планови не биле донесени во консултации и со согласност со работниците, од пролетта на 2010 г. организираше неколку штрајкови на екипажите на британската авиокомпанија. Како одговор на најавите на плановите за можен штрајкот на синдикатот, раководството на „Бритиш ервејс“ соопшти дека функционирањето на компанијата на аеродромот „Гетвик“ и во Лондон ќе се одвива со нормален режим. На аеродромот „Хитроу“ компанијата ќе се обиде да го обезбеди непреченото одвивање на повеќето летови на кусите дестинации и 100 отсто од летовите на долгите дестинации. Последиците од минатите штрајкови ја чинеа авиокомпанијата околу 180 милиони фунти./крај/гар/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.