Економија
МОТ: Загубените работни места се враќаат тешко
Поради невработеноста на глобално ниво, којашто бележи највисока стапка според официјалните мерења, трета година по ред од почетокот на економската криза, Меѓународната организација на трудот (МОТ) во својата годишна анализа на трендовите кај вработувањето предупредува дека слабото заздравување на работните места веројатно ќе продолжи и во 2011 година, особено во развиените економии. Предизвикот кај закрепнувањето на работните места, упатува на различен степен на заздравување кај пазарите на трудот, со постојано високи стапки на невработеност, како и сè поголемо обесхрабрување во развиените земји, и со пораст на вработувањето и постојано високи нивоа на нестабилно вработување и сиромаштија на вработените во регионите во развој. Овие трендови претставуваат целосна спротивност на заздравувањето што се гледа во неколку клучни макроекономски показатели: глобалниот БДП, приватната потрошувачка, инвестициите и меѓународната трговија и пазарите на капитал во 2010 г., надминувајќи ги нивоата од пред кризата, стои во извештајот на МОТ.„Покрај различните нивоа на заздравување на пазарите на трудот ширум светот, огромните човечки трошоци од рецесијата остануваат“, изјави Генералниот директор на МОТ, Хуан Сомавија. Покрај брзиот скок во економскиот развој на многу земји, официјалната стапка на невработеност на глобално ниво изнесуваше 205 милиони во 2010 година, значително непроменета од 2009 година и 27,6 милиони повеќе од пред кризата во 2007 година. МОТ предвидува глобална стапка на невработеност од 6,1 проценти, што е еквивалентно на 203,3 милиони невработени, во текот на 2011 г.Во извештајот се гледа дека 55 проценти од зголемувањето во невработеноста во глобални рамки во периодот од 2007 до 2010 година се забележува во развиените економии и регионот на Европската унија (ЕУ), додека во регионот има 15 проценти од светската работна сила. Во неколку светски економии во развој, како што се Бразил, Казахстан, Шри Ланка, Тајланд и Уругвај, стапките на невработеност всушност бележат пад во споредба со периодот пред кризата.Во извештајот стои дека во светски рамки, околу 1,53 милијарди работници имале нестабилно вработување во 2009 година, што одговара на стапка на нестабилна вработеност од 50,1 проценти. Појавата на нестабилна вработеност остана непроменета од 2008 година, во спротивност со постојаниот и значителниот просечен пад во годините што и претходеа на кризата. Во извештајот, исто така, стои дека во 2009 година, 630 милиони работници (20,7 проценти од сите работници во светот) живееја со нивните семејства со 1,25 американски долари на ден. Тоа одговара на дополнителните 40 милиони работници со слаба заработувачка, 1,6 проценти повеќе од предвиденото врз основа на трендовите пред кризата. Во светски рамки, 78 милиони млади луѓе беа невработени во 2010 година, многу повеќе од нивото пред кризата од 73,5 милиони во 2007 година, но помалку од 80 милиони регистрирани во 2009 година. Стапката на невработеност кај младите луѓе на возраст од 15-24 години изнесуваше 12,6 проценти во 2010 година, 2,6 пати повеќе од стапката на невработеност на возрасните лица. Меѓутоа, МОТ, исто така, предупредува дека во 56 земји со достапни податоци, има 1,7 милиони помалку млади на пазарот на трудот отколку што се очекуваше врз основа на трендовите пред кризата, при што обесхрабрените работници не се вбројуваат меѓу невработените бидејќи тие не бараат активно работа.Вработувањето на младите е светски приоритет, смета Сомавија. „Слабото заздравување кај пристојната работа ја нагласува постојаната неможност на светската економија да обезбеди иднина за сите млади. Тоа ги подрива семејствата, социјалната кохезија и кредибилитетот на политиките“, вели тој. Во студијата се истакнува дека задоцнетото заздравување на пазарот на трудот не се гледа само во јазот меѓу порастот на учинокот и порастот на вработеноста, туку и во зголемената продуктивноста што слабо се одразува врз реалното зголемување на платата во голем број земји. „Тоа може да ги загрози идните изгледи за заздравување, бидејќи има силна поврзаност меѓу порастот во реалните плати, потрошувачката и идните инвестиции“, се вели во извештајот./крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

