Економија
Сè поголема заинтересираност за инвестирање во злато
Постојаното зголемување на цената на златото доведе до заинтересираност на македонските граѓани да купуваат инвестициско злато.
Со купување на злато од 24 карати со четири деветки физичките и правните лица ќе добијат сертификат со кој понатаму можат да го вложат во банка како хипотека или пак, да го продадат по повисока цената за да профитираат.
„Мојата фирма работи како посредник, јас парите ги вложувам во мојата матична фирма во Германија и Швајцарија, па потоа таа купува злато. Лицето потоа за најмногу десет дена го добива златото во физичка форма или пак, веднаш добива сертификат со кој може да го приложи во банка за да подигне кредит“, вели Гоце Милошевски, управител на фирмата „КБ Капитал Бизнис“ која врши купување и продавање на злато.
Тој вели дека сè поголема е заинтересираноста на македонските граѓани и фирми за инвестирање во злато и додава дека може да купи било кој и колкава количина сака, дури и пола или еден грам.
„Јас само вршам трговска услуга по берзанска цена со дополнителни трошоци како банковни сметки, транспорт, шпедиција. Не инвестирам, туку правното или физичко лице може да плати кон мојата фирма, јас само извршувам купување на девизи и пласирање на пари кон швајцарско-германската фирма“, рече Милошевски.
Од јануари оваа година е укината царината на златото која досега беше 0,7 отсто, а се очекува до крајот на март да се тргне и ДДВ од 18 отсто што е практика во ЕУ, како и во развиените земји каде што се тргува со инвестициско злато.
Моменталната цена за инвестициското злато 999,9 е 33.000 евра за килограм, истражувањата покажуваат дека за 30 години овој благороден метал ќе го снема, поради сè поголемата побарувачка.
Во светот има недостаток на злато бидејќи годишната побарувачката изнесува 4.166 тони, а во рудниците се наоѓаат 2.467 тони, а неговата цена е повеќекратно зголемена.
Во 1906 година еден грам унца се продавал за 20 долари, а во 2008 истата тежина изнесува 720 долари. /крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

