Економија
Штетата од јапонскиот земјотрес проценета на 180 млрд. долари
Економската штета во Јапонија, која беше погодена од катастрофален земјотрес, според досега расположивите податоци, би можела да изнесува помеѓу 14 и 15 милијарди јени (од 171 до 183 милијарди долари).
Економската штета во Јапонија, која беше погодена од катастрофален земјотрес, според досега расположивите податоци, би можела да изнесува помеѓу 14 и 15 милијарди јени (од 171 до 183 милијарди долари).Ваква проценка денеска изнесе филијалата на швајцарската банка „Креди Свис“ во Јапонија.„Штетата од земјотресот во регионот на североисточна Јапонија најверојатно ќе достигне околу 40 отсто од вкупните економски загуби, што ги предизвика земјотресот во Кобе во 1995 година“, се наведува во соопштението на банката.Според претставникот на филијалата на „Креди Свис“, Хиромичи Ширакава штетата од земјотресот најверојатно ќе биде помала, поради значително помалиот број на оштетени деловни згради, комерцијални простори и автопатишта, а досега немало информации ниту за урнати поголеми производствени погони. /крај/т/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)
Економија
Вицегувернерката Ана Митреска: Монетарната политика на Народната банка ја поддржува ценовната стабилност во економијата
Поставеноста на монетарната политика на Народната банка има за цел да овозможи натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања. Во услови на присутна неизвесност, монетарната политика останува внимателна, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамките на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс“.
„Инфлацијата забележа значително намалување и се сведе на едноцифрено ниво, како резултат на слабеењето на надворешните ценовни притисоци и спроведувањето на претпазлива монетарна политика, поддржана и со макропрудентните мерки. Сепак, инфлацијата и понатаму се движи околу 4%, што е над нејзиниот историски просек и над стапката на инфлација во еврозоната, но е споредлива со просечната инфлација во земјите од Централна и Источна Европа“, истакна вицегувернерката Митреска. Таа нагласи дека ваквите движења укажуваат на постоење заеднички регионални фактори што ја одредуваат инфлациската динамика, меѓу кои се растот на платите и кредитниот циклус, при што процесот на дезинфлација кај нас и во земјите од регионот е подолготраен во споредба со еврозоната.
„Иако беше започнат процес на нормализација на основната каматна стапка, тој запре во февруари минатата година, по што дополнително беше зајакнат претпазливиот монетарен пристап преку инструментот задолжителна резерва и преку примена на макропрудентни мерки, со цел поефикасно утврдување на инфлациските очекувања“, посочи Митреска, нагласувајќи дека Народната банка и понатаму ќе пристапува внимателно при носењето на монетарните одлуки, со цел обезбедување одржлива макроекономска и финансиска стабилност. Се очекува ваквата поставеност да обезбеди понатамошно намалување на домашната инфлација.
Форумот на Централна и Источна Европа претставува еден од најзначајните и најреномираните годишни настани во областа на финансиите, на кој традиционално учествуваат високи претставници на централните банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и меѓународни инвеститори.

