Економија
Започнаа електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Албанија
АД МЕПСО и Албанскиот електропреносен систем оператор OST денеска склучија Меморандум за разбирање, со што ги започнуваат подготвителните работи за изградба на нов 400 kV далновод меѓу Македонија и Албанија
АД МЕПСО и Албанскиот електропреносен систем оператор OST денеска склучија Меморандум за разбирање, со што ги започнуваат подготвителните работи за изградба на нов 400 kV далновод меѓу Република Македонија и Република Албанија на коридорот Битола-Елбасан. Првиот билатерален договор во историјата на електропреносните систем оператори на двете држави го потпишаа Дејан Бошковски, генералниот директор на МЕПСО и Сокол Рамадани, генералниот директор на OST, денеска во Охрид. Со овој договор се уредуваат правата, обврските и активностите на двете компании во изработката на Студијата за оправданост (физибилити студија) за изградба на 400 kV далновод меѓу двете држави на коридорот Битола (Македонија) и Елбасан (Албанија). Изработката на Студијата за оправданост на 400 kV далновод Битола-Елбасан ќе биде основен документ со кој ќе се потврдува оправданоста на изградбата на овој далновод по што ќе може двете компании да бараат кредити за изградба на првото електроенергетско поврзување меѓу Република Македонија и Република Албанија. Изработката на физбилити студијата ќе биде финансирана со донација од WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан), целосно финансиски поддржана од Европската банка за обнова и развој, за што се планирани 650.000 евра. Овој проект вклучува изработка на студија за оправданост на инвестицијата и студии за влијанието врз животната средина од изградбата на далноводот на териториите на двете држави.Предвидено е овој проект да биде изработен во период од една година откако ќе биде усвоена Проектната задача за проектот од страна на МЕПСО, OST и донаторот ЕБОР. Електроенергетското поврзување со Република Албанија е еден од врвните приоритети на МЕПСО заради значењето на коридорот 8. Новото електроенергетско поврзување ќе биде од големо значење заради тоа што преку електроенергетските системи на Албанија и Црна Гора ќе се поврземе и со електроенергетскиот систем на Република Италија. Дополнително овој проект ќе значи зголемување на капацитетот на преносната мрежа на МЕПСО, а воедно поврзувањето ќе значи намалување на опасноста од испади и зголемување на нивото на доверливост и сигурноста на македонскиот електроенергетски систем. /крај/пд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

