Економија
Инфлацијата во Кина над предвиденото

Инфлацијата во Кина ги надмина очекувањата во јули и покрај мерките што ги презема владата за контрола на цените.
Инфлацијата во Кина ги надмина очекувањата во јули и покрај мерките што ги презема владата за контрола на цените.Цените во потрошувачката пораснале во јули за 6,5 отсто во споредба со истиот месец минатата година, објави Државниот завод за статистика.Раст е забележан иако кинеската Централна банка ги зголеми каматните стапки пет пати од октомври 2010 година во обид да ги контролира цените.Кинеските власти ја прогласија контролата на растот на цените за приоритетна задача.Аналитичарите предупредуваат дека актуелната состојба во светската економија може да ја доведе Кина во тешка состојба. Американското економско опоравување запира, а Европа сè повеќе е оптоварена од должнички проблеми, што од друга страна, се одразува на земјите зависни од извоз, како Кина.Заради тоа, додаваат аналитичарите, кинеските власти ќе мораат да воспостават деликатна рамнотежа меѓу обидот да ги стабилизираат цените и да создадат услови за продолжување на силниот раст. /крај/рој/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на меѓувладината седница во Будимпешта: Градиме модерна и одржлива енергетска иднина со Унгарија

Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, учествуваше на Втората меѓувладина седница меѓу владите на Македонија и Унгарија, која се одржа во Будимпешта.
Божиновска, имаше обраќање на заедничкиот состанок на владите на Македонија и Унгарија, нагласувајќи ја важноста на енергетската соработка како клучен фактор за економски развој и енергетска безбедност.
Во своето излагање, министерката ги истакна реформите што Македонија ги спроведува во енергетскиот сектор и потенцијалот за соработка со Унгарија во областа на обновливите извори, модернизацијата на енергетската инфраструктура и иновациите во енергетската ефикасност.
„Македонија ја прифаќа иднината со смели енергетски реформи, при што новиот Закон за енергетика не е само технички документ, туку стратешка алатка што ќе привлече инвестиции, ќе ја зголеми енергетската независност и ќе ги забрза обновливите извори. Работиме интензивно на решенија за да привлечеме поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, да ја зголемиме енергетската независност на нашата земја, да го забрзаме развојот на обновливите извори на енергија, и да ги усогласиме нашите енергетски стандарди со највисоките европски норми“, истакна Божиновска.
Министерката Божиновска ја потенцираше природната предност на Македонија со над 280 сончеви денови годишно, што ја прави земјата природен центар за соларна енергија. Исто така, министерката истакна дека вратите на Македонија се отворени за инвестиции, со цврста посветеност да се создаде енергетски систем што ќе биде од корист за сите.
Министерката истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.
„Преку соединување на нашите визии, експертиза и ресурси, можеме да создадеме поотпорни енергетски системи што ќе обезбедат сигурно, чисто и достапно снабдување со енергија за нашите граѓани и економии. Ова не е само заедничка визија, туку и заедничка обврска – да изградиме сигурен, модерен и одржлив енергетски систем што ќе ги задоволи потребите на нашите граѓани и економии“, подвлече Божиновска.
Економија
Економијата во четвртиот квартал лани порасна за 3,2 отсто

Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во државава во четвриот квартал лани е 3,2 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.
Во четвртиот квартал од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите Градежништво од 13,2 проценти и Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 10,6 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2024 година, номинално расте за 6 проценти, а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 66,1 процент.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е намален за 3,1 процент, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од два проценти.
Минатата година, во првиот квартал БДП изнесуваше 1,2 проценти, во вториот квартал 2,3 проценти, а во третиот 3 проценти.
Економија
„Зајакнување на енергетското партнерство“: средба на Божиновска со унгарскиот министер за енергетика во Будимпешта

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамките на посетата на Будимпешта, каде што се одржа Втората меѓувладина седница меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија, оствари билатерална средба со унгарскиот министер за енергетика, Чаба Лантос.
На состанокот присуствуваа и Карој Матраи (Károly Mátrai), извршен директор на MVM Group, како и Петер Холича (Péter Holicza), заменик државен секретар, кои ги претставија перспективите за унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите беа можностите за зајакнување на енергетското партнерство, инфраструктурната поврзаност и обезбедувањето на енергетска стабилност. Двете страни ја истакнаа важноста на натамошната соработка во областа на обновливите извори на енергија, гасната инфраструктура и регионалната енергетска интеграција.
Министерката истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја нагласи заложбата на Владата на Македонија за стабилен и сигурен енергетски систем, со диверзификација на енергетските извори и модернизација на инфраструктурата, а Унгарија ја потенцираше подготвеноста за поддршка во процесите на енергетска транзиција и поголема поврзаност на енергетските пазари.
Средбата беше потврда за цврстите билатерални односи и партнерството во енергетскиот сектор, со јасна насока за конкретни заеднички проекти кои ќе донесат бенефити за двете земји.