Економија
Намалена добивката на Македонски Телеком и Т-Мобиле
Македонски Телеком АД-Скопје и Т-Мобиле Македонија АД ги објавија финансиските резултати од првото полугодие, според кој компаниите ја задржале водечката позиција на пазарот, но оствариле намалување на добивката и приходите.
Македонски Телеком АД-Скопје и Т-Мобиле Македонија АД ги објавија финансиските резултати од првото полугодие, според кој компаниите ја задржале водечката позиција на пазарот, но оствариле намалување на добивката и приходите.Групацијата во текот на првата половина од годината остварила нето добивка од 2,75 милијарди денари (44, 7 милиони евра), што претставува пад од 14,4 отсто во споредба со истиот период лани.Приходите на ниво на Групација намалени се за девет отсто во споредба со истиот период лани, што се должи на резултат на силната конкуренција на пазарот и зголемената понуда пред сè во делот на мобилната телефонија, се наведува во соопштението. Базата на корисници на фиксната телефонија на групацијата на крајот на јуни изнесувала 324 илјади корисници, што е намалување на бројот на корисниците од 8,5 отсто. Ова придонело и за намалувањето на појдовниот сообраќај за 3,9 отсто во споредба со истиот период во минатата година.„Меѓутоа, наспроти ваквите трендови и резултати, Македонски Телеком успеа да ја одржи својата водечка позиција на пазарот со удел од 78 отсто во сегментот на фиксна телефонија, според интерните податоци“, стои во соопштението.Притоа се информира дека е остварен раст од 2,5 отсто на приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV), а корисничката база на DSL е зголемена за 9,2 отсто на 155 илјади корисници.Македонски Телеком бележи голем раст и развој и во делот на дигиталната телевизија, каде бројот на IPTV корисници достигнал 34 илјади, што е раст од 60,4 отсто.„Како резултат на интензивната конкуренција, особено во сегментот на припејд и деловни корисници, намалени се приходите од мобилна телефонија, што се должи на пад на приходите од говорни малопродажни услуги, како резултат на намалувањето од 3,2 отсто на претплатници“, се вели во соопштението.Т-Мобиле на крајот на јуни имала 1,3 милиони претплатници во мобилната телефонија и е лидер на пазарот со 50 отсто удел.„Доколку се земат во предвид макроекономските движења, економската моќ на граѓаните, како и силната конкуренција на пазарот во делот на фиксната и мобилната телефонија, интернетот и телевизијата, остварените резултати за првата половина од 2011 година се во рамките на очекувањата“, изјави Даниел Сас, главен извршен директор на Македонски Телеком АД-Скопје.Тој најави дека во втората половина од 2011 година Групацијата ќе се обиде преку унапредување на ефикасноста, следење на светските телекомуникациски трендови и понуда на нови иновативни решенија и услуги за корисниците, да ги оствари зацртани цели. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

