Економија
Израел лежи на нафтени резерви како тие на Саудиска Арабија
Геодетите во Израел тврдат дека стотици метри под површината на земјата лежат наслаги од чакал кои можат да бидат претворени во милијарди барели нафта, наспроти екологистите, кои тврдат дека тоа еколошка временска бомба.
Геодетите во Израел тврдат дека стотици метри под површината на земјата лежат наслаги од чакал кои можат да бидат претворени во милијарди барели нафта, наспроти екологистите, кои тврдат дека тоа еколошка временска бомба.
Во плодната долина Елах во централен Израел, на околу 50 километри од Ерусалим, според Светскиот енергетски совет, лежат доволно големи наслаги на чакал од кои може да се произведат околу четири милијарди нафта, доволно да ги одржува потребите на земјата во наредните 40 години.
Сега заинтересираните нафтени компании треба да докажат дека од чакалот може на еколошки чист начин да се добијат нафта и гас, со употреба на технологија на загревање на почвата до преку 300 степени Целзиусови.
Овој проект би множел да биде многу доходовен, затоа што заинтересираните енергетски компании тврдат дека има многу повеќе резерви на чакал. Во израел и до сега се користела оваа технологија за производство на нафта, но само со ископување на површинските наслаги и во мали количини, кои се користат за производство на струја за локална употреба.
Историско истражување
Потрагата по домашни енергенси не е ништо ново во Израел. Во последните години, големи наоѓалишта на природен гас беа пронајдени во близина на израелскиот брег, но земјата се уште го увезува најголемиот дел од потребните количини од својот јужен сосед, Египет. Ваквото снабдување е многу несигурно: само оваа година снабдувањето беше неколкупати прекинувано поради напади врз гасоводот кои минува низ Синајската пустина. Тука е загриженоста за идните односи со Египет откако деценискиот претседател Хосни Мубарак, една од првите жртви на Арапската пролет, е тргнат од власта.
Што се однесува на нафтата, Израел безмалку целосно ја увезува – околу 100 милиони барели годишно – главно од Русија и од другите поранешни советски републики. Овој увоз беше значително намален во 2006 година, во текот на војната со Хезболах во Либан, кога Израел речиси остана без нафта.
Но, и покрај огромната потреба од домашно произведена нафта, отпорот кон планот на енергетските компании и натаму е голем, особено откако во САД, кои имаат огромни депозити на ваков чакал, во државата Колорадо беше прекинат сличен проект затоа што методот кој се употребува, со впумпување на огромни количини на вода измешана со хемикалии, предизвикал загриженост дека ќе влијае на чистата вода за пиење.
Слични стравувања постојат и во Израел и веќе е основан локален комитет за да се спречи, како што велат тие, „овој голем експеримент“.
„Една странска нафтена компанија доаѓа и ни вели дека сака да не направи многу богати. Она што навистина го сакаат е набрзина да не зафркнат“, вели основачот на комитетот, Рашел Јакобсон. Нејзината загриженост најмногу се должи на тоа што во областа исто така се наоѓа и многу чувствителниот природен прочистувач на водата која ја користат и тие и жителите на палестинскиот Западен брег.
Заинтересираните нафтени компании се обидуваат да ги смират локалните жители. Тие тврдат дека непробоен слој од карпи лежи помеѓу наслагите на нафтен чакал и наслагите кои служат за прочистување на водата. Нафташите тврдат дека методот кои се користи, со загревање на чакалот, нема да има никаков ефект врз прочистувачот.
Се чини дека и експертите немаат унифициран став за ова прашање.
„Звучи застрашувачки да се загреваат карпите на ваков начин. Но, во пракса, ефектите врз наслагите кои се во близина на чакалот се многу мали“, вели Џон Корбен, висок советник на меѓународната агенција за енергетика.
За разлика од него, Микел харм од Светскиот енергетски совет смета дека процесот многу тешко се контролира и дека може да претставува ризик за подземните води.
Заинтересираните нафтени компании уште и тврдат дека Израел можеби има наслаги кои можат да обезбедат резервно на нафта слични на оние на најбогатата земја со нафта во светот, Саудиска Арабија, која лежи врз проценети 260 милијарди барели. Но, Корбен вели дека таа споредба не е фер. Според него, нафтата во саудиска Арабија си е нафта, додека за таа во Израел треба најпрвин да се потрошат огромни средства за да се загреат карпите и од нив да се исцрпи нафтата. Исто така, тој смета дека ќе помине многу време додека заинтересираните компании докажат дека технологијата функционира и додека ги добијат сите потребни дозволи од државата.
Нафтените компании цврсто стојат на ставот дека резервите се огромни и дека можат да започнат со црпењето веќе во 2018 година. Корбен, пак, смета дека дури и да се „само“ четири милијарди барели, тоа ужасно големо количество на нафта за земја со големината на Израел.
Што е нафтен чакал
Нафтениот чакал е седиментарен камен кој содржи органска материја од кои можат да се извлечат значителни количини на нафта и гас.
Многу е поевтино да се црпи сировата нафта, но како што расте нејзината цена, нафтата од чакал станува се поисплатлива.
Нафтата од чакал може да биде директна замена за сировата нафта.
Вкупните светски резерви на нафта од чакал се проценуваат на четири пати повеќе од резервите на сирова нафта, иако поголемиот дел од неа не е економски исплатлив. /крај/bbc/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.