Економија
Секој трет тендер се поништува со цел да се фаворизира една фирма
Постојаното поништување на тендерите, поставување на високи критериуми при избор на компанија при што се фаворизираат одредени фирми и склучување договори за набавки без објавување на оглас.
Постојаното поништување на тендерите, поставување на високи критериуми при избор на компанија при што се фаворизираат одредени фирми и склучување договори за набавки без објавување на оглас.
Ова се трите клучни проблеми констатирани од истражувањето „Мониторинг на јавните набавки“ спроведено од Центарот за граѓански комуникации за периодот јануари-јуни 2011.
Овие констатирани проблеми доведуваат до фаворизирање на една фирма, дискриминација и намалување на конкуренцијата при објавување на тендер.
Според Центарот, овој мониторинг е важен за да се добие една целосна слика како се трошат парите на граѓаните, а цел е што порационално да се користат средствата од буџетот.
„Во периодот април, мај и јуни дури секој трет тендер беше поништен, дека работите добиваат негативна тенденција покажуваат и податоците од електронскиот систем за јавни набавки, каде од вкупно објавените тендери во првите 6 месеци од 2011 имаме удел на поништени постапки од дури 21,34 проценти, што е најголем удел на поништен постапки од 2009 година до денес“, истакна Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Таа појаснува дека со поништувањето на тендерите во бизнис заедницата се креира една клима дека поништувањата се злоупотребуваат во оние случаи кога не може да се фаворизира однапред определена фирма.
„Втор сериозен проблем е поставување на критериумите за квалификација. Високо поставените критериуми претставуваат основ за дискриминација на фирмите и за намалување на конкуренцијата. На пример, за склучување на договор за јавна набавка од 80.000 евра од фирмите беше барано три години по ред да имаат вкупен приходи од 25 милиони евра, значи навистина сооднос кој е ирационален“, вели Факиќ.
Во однос на склучување на договори без објава на оглас, резултатите од мониторингот покажуваат дека во првото полугодие склучени се договори без објавување на оглас во вредност од 12,3 милиони евра што е за 114 проценти повеќе од истиот период лани, кога биле вклучени договори во вредност од шест милиони евра.
“Овде се остава простор за субјективно одлучување и создава основи за појава за ширење на коруптивни практики во сверата на јавните набавки“, рече Факиќ.
Во анкетата направена врз 345 фирми, во првото тримесечје од годината за тоа кои се најголемите проблеми на компаниите, тие одговориле дека најголеми проблеми се нејасно изработената тендерска документација и технички спецификации, лошо избраните критериуми за најповолна понуда, проблеми со наплатата на побарувањата како и неправилно бодирање на понудите и фаворизирање на одредени понудувачи.
Центарот ги споредува и производите кои се предмет на јавни набавки,во случајот се избрани шест производи кои најчесто се набавуваат од здравствените институции, при што во извештајот констатирано е дека разликите меѓу цените кај различни институции се движи од 22 до 450 проценти.
„Целта ни е на институциите да им претставиме еден вид патоказ при идното креирање, составување на тендерите, да знаат дека кога купуваат нешто на пазарот некоја друга државна институција истиот тој производ го купила по неколкупати пониска цена“, истакна Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. /крај/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

