Економија
На Вол стрит S&P 500 падна на најниското ниво во 13 месеци
На њујоршки Вол стрит во понеделникот водечките индекси потонаа на најниското ниво во 13-те месеци, па така индексот S&P 500 се најде на работ од ткн „пазарот на мечката“
На њујоршки Вол стрит во понеделникот водечките индекси потонаа на најниското ниво во 13-те месеци, па така индексот S&P 500 се најде на работ од ткн „пазарот на мечката“, а под најголем притисок беше финансискиот сектор бидејќи инвеститорите стравуваат дека должничката криза во еврозоната може да прерасне во банкарска криза. Dow Jones индексот падна за 2,36 отсто на 10.655 поени, додека S&P 500 потона за 2,85 отсто на 1.099 поени, а Nasdaq индексот забележа намалување за 3,29 отсто на 2.335 поени. Индексот S&P 500 во понеделникот потона на најниското ниво од 8-ми септември минатата година, додека во односот на својата највисока овогодишна стапка во април потона дури за 19,4 отсто, со што се најде на работ од ткн „пазарите на мечката“, што се дефинира со пад на индексот за 20 и повеќе проценти во однос на неговото претходно највисоко ниво. Цените на акциите вчера паднаа во сите десет сектори на S&P индексот, а под најголем притисок беше финансискиот сектор поради стравувањата на вложувачите дека должничката криза ќе прерасне во финансиска криза, слична на онаа од 2008 година.Грчката влада призна дека нема да ги постигне фискалните цели кои и’ беа зададени како услов за да ја добие новата транша од меѓународниот кредит даден како помош за излегување од кризата. И покрај острите мерки за штедење, грчкиот буџетски дефицит оваа година ќе достигна 8,5 отсто од БДП-то, што е далеку над планираните 7,66 проценти. Идната година дефицитот ќе биде намален на 6,8 отсто, додека договореното ниво со меѓународните кредитори изнесуваше 6,5 отсто од БДП-то. Претставниците на ММФ, ЕУ и Европската централна банка и натаму ги проверуваат буџетските ставки на Грција, а ниту вчерашниот состанок на министрите за финансии на 17-те земји членки од еврозоната не донесе конкретни решенија. Министрите порачаа дека го разгледуваат проширувањето на улогата на приватните инвеститори во планираниот втор пакет од финансиската помош за Грција. Тоа, пак, ги засилува можностите дека сопствениците на грчките државни обврзници, главно банки, мораат да преземат поголем товар на реструктуирањето на грчкиот долг отколку што беше договорено претходно. Во јули беше договорено дека банките ќе отпишат 21 отсто од вредноста на нивните портфељи во грчките долгови. Поради тоа во понеделникот остро паднаа цените на акциите на европските банки, а најголем губитник беше белгиско-француската банкарска групација „Dexia“ со падот на цената за 10 проценти, откако агенцијата „Moody’s“ објави дека го преиспитува нејзиниот рејтинг поради изложеноста на грчките долгови и се стравува за нејзината ликвидност. Тоа ги протресе и американските банки, па S&P индексот на финансискиот сектор потона за 4,5 отсто. И на европските берзи во понеделникот цените на акциите забележаа остар пад. На затворањето лондонскиот FTSE ослаби за 1,03 отсот на 5.075 поени, додека франкфуртскиот DAX потона за 2,28 проценти на 5.376 бодови а парискито CAAC за 1,85 отсто на 2.926 поени,./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

