Економија
Брендирање на македонскиот туризам

Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија, вчера доцна попладне на својот втор состанок на кој се разгледуваше реализацијата на мерките за развојот и промоцијата на туризмот во државата, ја разгледа ревидираната Национална стратегија за развој на туризмот 2009-2013
Комитетот за туризам при Владата на Република Македонија, вчера доцна попладне на својот втор состанок на кој се разгледуваше реализацијата на мерките за развојот и промоцијата на туризмот во државата, ја разгледа ревидираната Национална стратегија за развој на туризмот 2009-2013, со осврт на реализација на мерките од акцискиот оперативен план. Притоа, донесени се заклучоците за почеток со реализација на повеќе мерки, меѓу кои и креирање на систем за прибирање податоци од туристичка дејност, брендирање на македонскиот туризам и негова заштита на национално ниво, и проектот за СМС пораки за „добредојде“ при влез во Македонија со препорака за посета на некои интересни туристички знаменитости или дестинации.На состанокот, исто така, беше укажано дека Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините, треба во најбрз можен рок да изнајдат што повеќе локации кои би се намениле за изградба на хотели и сместувачки капацитети и би се понудиле на продажба.Комитетот заклучи дека економските промотори на Република Македонија во странство, во следните 12 месеци треба да остварат најмалку 270 контакти со странски туристички оператори кои ќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација во нивните понуди, од кои што се очекува најмалку 70 контакти да имаат резултат со реализација на туристички ангажман од странство во нашата земја.Во дело на активностите што спаѓаат под Министерството за економија, беше заклучено овој ресор да ги унапреди критериумите во Правилникот за категоризација на сместувачките капацитети, согласно европските стандарди со што би се подобрил квалитетот на туристичка понуда и сместувањето на гостите, а исто така, министерството треба да изработи и специјален Правилник за сместување во авто-камповите./крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Реализирана исплата на три мерки за директни плаќања

Денеска се реализираше исплатата на мерките за директни плаќања за мали земјоделски стопанства дефинирани според историски плаќања за претходните три години, директни плаќања за обележани грла кози постари од 12 месеци и директни плаќања за женски приплодни грла-маторици,информираат од МЗШВ.
Висината на директни плаќања за мерката за мали земјоделски стопанства дефинирани според историски плаќања за претходните три години се утврдува како просек од висината на одобрените финансиски средства за директните плаќања по Програмите за финансиска поддршка во земјоделството за 2021, 2022 и 2023 година и тоа:
– за одобрен просек од 0 до 10.000 денари, висината на финансиска поддршка изнесува 10.000 денари,
– за одобрен просек од 10.001 до 20.000 денари, висината на финансиска поддршка изнесува 20.000 денари,
– за одобрен просек од 20.001 до 30.000 денари, висината на финансиска поддршка изнесува 30.000 денари,
– за одобрен просек од 30.001 до 40.000 денари, висината на финансиска поддршка изнесува 40.000 денари.
За оваа намена се исплатени 44.630.000,00 денари кон 2.316 корисници.
Исплатени се 15.768.000,00 денари кон 631 корисници, исплатата се однесува на мерката за директни плаќања за обележани грла кози постари од 12 месеци се земјоделски стопанства одгледувачи на кози кои поседуваат минимум 10 кози кои се постари на денот на аплицирање од 12 месеци и истите се чувани најмалку до 30 ноември 2024 година.
Висината на основните директни плаќања изнесува 2.000 денари по грло.
Корисници на мерката за директни плаќања за женски приплодни грла-маторици се земјоделски стопанства кои одгледуваат женски приплодни грла-маторици и поседуваат минимум 5 грла маторици и истите ги чувале најмалку до 30 ноември 2024 година.
Висината на директни плаќања изнесува 1.000 денари по грло-маторица.
Исплатени се 7.954.000,00 денари кон 283 корисници.
Министерството, како што велат од таму, се грижи за земјоделците.
Економија
Германската пошта отпушта 8.000 работници до крајот на годинава

„Дојче пост“ денеска објави дека ќе отпушти 8.000 работници до крајот на годината за да ги намали трошоците по скромниот раст на приходите на матичната DHL во 2024 година.
Програмата за намалување на трошоците вклучува и одделенија на глобалниот логистички гигант DHL, кој вработува околу 600.000 луѓе ширум светот. „Дојче пост“ е нејзина германска подружница, забележува агенцијата dpa.
Групацијата DHL се обидува да ги намали трошоците и проценува дека програмата ќе им донесе заштеда од повеќе од една милијарда евра. Во 2024 година приходите на групацијата пораснаа за само три отсто, на 84,2 милијарди евра. Оперативната добивка е намалена за 7,2 отсто, на 5,9 милијарди евра. Нивните трошоци се зголемија за 2,6 отсто, на 42,8 милијарди евра, а првенствено беа концентрирани во одделот за глобален карго транспорт.
Приходите на одделот за поштенски услуги во Германија, Post & Parcel Germany, забележаа речиси ист процентуален раст од 2,7 отсто. Но, нивната добивка пред камати и даноци е намалена за 5,6 отсто, на 821 милион евра.
Бројот на писма со години се намалува, а во 2024 година значително ќе се намали и бројот на рекламни летоци, најавуваат од компанијата. Светла точка е поголемата количина на испорачани пакети. Одделенијата за брза испорака на пакети и логистички услуги се значително попрофитабилни, но ги трпат негативните последици од падот на економската активност и геополитичките тензии.
Менаџментот на DHL е внимателен во своите прогнози поради пригушеното макроекономско опкружување. „Очекуваме глобалната политичка и економска ситуација да биде нестабилна и во 2025 година“, изјави извршниот директор на Групацијата DHL, Тобијас Мајер.
Економија
Македонија стана членка на СЕПА

Европскиот совет за плаќања денес ја прифати нашата земја како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, нашата земја направи значителни напори да ја усогласи правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), со што и официјално се приклучи кон платежната област СЕПА, исполнувајќи една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.
„Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во изјавата по повод одлуката на Европскиот совет за плаќања со што нашата земја стана членка на СЕПА.
Гувернерката истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.
„Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа“, истакна Ангеловска-Бежоска додавајќи дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.
„Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на правната рамка и стандардите за работа на платните системи со европските, за што изразувам голема благодарност. Со овој значаен чекор, ја потврдуваме нашата заложба за финансиски напредок и за обезбедување на придобивките од оваа интеграција за секој граѓанин и бизнис во земјава“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.