Економија
Внимателност на Волстрит, Словачка разочара
Берзанските индекси на Волстрит вчера останаа речиси непроменети
Берзанските индекси на Волстрит вчера останаа речиси непроменети, затоа што инвеститорите не сакаа битно да ги менуваат своите позицци пред гласањето во словачкиот парламент за Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФСФ) и пред почетокот на сезоната на објавување на кварталните резултати на американските компании.
Dow Jones ослабе за 0,15 проценти, на 11.416 поени, додека S&P се засили за 0,05 проценти, на 1.195 поени, а индексот на Nasdaq се засили за 0,66 проценти, на 2.583 поени.
Словачкиот парламент по десет часа расправа, го одби предлог-законот за зголемување на можноста на ЕФСФ, кој сега вреди 440 милијарди евра и од кој се очекува да биде главното оружје на ЕУ за борба против должничката криза.
Словачка е единствена од 17-те членки на еврозоната кој аго одби тој закон, а за да се примени во целиот блок потребна е поддршката од сите членки. Сепак, се очекува при второто гласање, кое треба да се одржи до крајот на неделава, законот да добие „зелено светло“.
Неуспехот во словачкиот парламент не влијаеше на Волстрит затоа што гласањето се случи по затворањето на тамошните пазари. Од друга страна, на инвеститорите позитивно влијаеше заедничката изјава на инспекторите на ЕУ, ЕЦБ и ММФ дека Грција најверојатно на почетокот на идниот месец ќе ја добие наредната транша од пакетот за спас, во висина од осум милијарди евра, со цел да се избегне целосен банкрот на оваа држава.
Инвеститорите вчера беа внимателни и заради сезоната а објавување на кварталните резултати на американските компании за третото тромесечје, која започна со извештајот на Alco.
По затворањето на Волстрит, најголемиот американски производител на алуминиум извести дека во третото тромесечје остварил помал профит и приходи во однос на претходниот квартал, заради забавувањето на стопанскиот раст во последниве месеци и падот на цената на алуминиумот. Тоа ги разочара инвеститорите, па цените на акциите на Alcoво електронското тргување падна за пет проценти.
И на европските берзи вчера се тргуваше внимателно. Лондонскиот FTSE ослабе за 0,06 проценти, на 5.395 поени, а парискиот CAC на 0,25 проценти, на 3.153 поени. Франфуртскиот DAX се зајакна за 0,30 проценти, на 5.865 поени. /крај/хина/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

