Економија
Меркел предвидува тешка година
Германската канцеларка Ангела Меркел очекува дека следната година ќе биде уште потешка од 2011-там особено за земјите од еврозоната, но нагласи дека Германците во секој случај „имаат добри причини за оптимизам“.
Германската канцеларка Ангела Меркел очекува дека следната година ќе биде уште потешка од 2011-там особено за земјите од еврозоната, но нагласи дека Германците во секој случај „имаат добри причини за оптимизам“.„На Германија и’ оди добро, иако следната година без сомнение ќе биде потешка ода оваа“, цитира AFP извадок од говорот на канцеларката Ангела Меркел кој ќе биде емитуван на германската државана телевизија во саботата навечер. За Меркел, 2011 година ќе остане забележана „по длабоките превирања“, како што се Арапската пролет, катастрофата во Фукушима којашто ги погоди и Германците кои ја принудија својата влада да објави прекинување на производството на нуклеарна енергија до 2022 година. Германската канцеларка, исто така, го брани проектот за обединување на Европа, нагласувајќи дека тој проект му донел на континентот во последните 50 години „мир, слобода, правда, човекови права и демократија“.Меркел истакнува дека „Европа порасна низ актуелната криза, иако патот на нејзиното надвладување беше долг и со многу препреки. На крајот од тој пат, меѓутоа, Европа ќе излезе посилна отколку што беше пред да влезе во неа“.„Во Германија имаме добра причина за оптимизам“, нагласува Меркел велејќи дека германското стопанство помалку загубило на конкурентноста од европските соседи, со најниска невработеност во последните 20 години. Растот на германското стопанство за 2012 години, според предвидувањата, може да изнесува меѓу 0,5 и еден отсто, многу помалку од трите проценти во годинава што измина, но повеќе од негативните прогнози на некои економисти кои претходно прогнозираа дека Германија во 2012 година ја очекува негативен раст и рецесија./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

