Економија
Јужноевропските пари бегаат во безбедноста на Северот
Се повеќе луѓе од јужните држави на еврозоната ги префрлаат своите пари на север, поттикнати од стравот дека си ги изгубат парите во кризата
Се повеќе луѓе од јужните држави на еврозоната ги префрлаат своите пари на север, поттикнати од стравот дека си ги изгубат парите во кризата. Одливот на капитал им ја отежнува работата на банките во тие држави, но експертите велат дека не постојат легални начини тоа да се сопре. Било какви мерки, најверојатно ќе стигнат премногу доцна, велат тие, а можат да го загрозат дури и самиот европски проект.
Грчките медиуми цела недела се занимаваа со случајот на пратеник во парламентот кој минатиот мај изнел од земјата еден милион евра. На крајот излезе дека тоа е Исидорос Кувелос сопруг на поранешната министерка за надворешни работи Дора Бакојани. Иако потегот е легален, грчката јавност тоа го доживеа како предавство, во момент кога народот е под огромен товар на мерките за штедење.
Сепак, овој инцидент е најдобар показател за се позагрижувачкиот тренд во Грција и во другите јужноевропски држави. Соочени со неизвесната иднина на европската заедничка валута, расте бројот на оние кои сакаат да си ги префрлат заштедите на посигурно место. Неодамна, грчкиот Еванзелос Венизелос изјави дека од 2009 година наваму, од сметките во грчките банки се повлечени 65 милијарди евра, а околу 16 милијарди од тие пари се префрлени на странски сметки. Повеќе од една третина од 16-те милијарди завршиле во Велика Британија, додека околу 10 проценти мигрирале во Швајцарија.
Во0 Лондон, на пример, луѓе од високозадолжените европски држави кои бараат сигурно прибежиште за своите средства ја зголемија побарувачката за луксузни имоти. Големите фирми за недвижнини известуваат дека од јануари до октомври 2011 година, во Лондон на купувачи од Италија и од Грција им биле продадени куќи и апартмани во вредност од 406 милиони евра. Оваа сума е 11 проценти од вкупниот обрт во секторот за тој период.
Финансиски менаџери во Швајцарија исто така известуваат за постојан доток на пари во земјата од Италија. Богатите Италијанци купуваат швајцарски франци и злато, а побарувачката за приватни сефови е во огромен пораст. И богатите Португалци исто така си ги префрлаат своите финансиски средства во странство.
Потешкотии за банките
Сепак, никаде обемот на одлив на капитал не е со такви димензии како во Грција. Според податоците кои во понеделник ги објави Европската централна банка (ЕЦБ), депозитите во грчките банки во 2011 година паднаа за 17 проценти. И другите земји во криза се соочуваат со пад на депозитите, но со неспоредливо помал обем. Во Ирска депозитите паднаа за шест проценти, во Шпанија речиси три проценти, а во Италија нешто под два процента. За споредба, депозитите во германија во истиот период пораснаа три проценти, а во Франција растот беше цели 10 проценти.
Одливот на капитал од членките на еврозоната зафатени од должничката криза не е проблем само на нивните министри за финансии. Тоа исто така им прави проблеми и на нивните банки, затоа што намалени депозити значи и помалку пари за заеми кон фирмите и граѓаните.
Бидејќи странските банки во суштина го замрзнаа давањето заеми на банки од земји како што се Грција и Португалија, овие вториве сега се повеќе зависат од централните банки во нивните држави, појава која се почувствува и во системот на меѓусебно плаќање помеѓу европските централни банки, познат како TARGET2. И додека германскиот ТАРГЕТ2 е околу 500 милијарди евра во резерва, Грција има дефицит од околу 100 милијарди, а Италија и Шпанија се соочуваат со дисбаланс од околу 200 милијарди евра секоја.
Заштита на легитимното богатство
Особено загрижувачко е тоа што Италија и Шпанија почнаа да се соочуваат со значителен одлив на капиталот во средината на 2011 година. Тие тенденции продолжија до крајот на годината наспроти фактот дека ЕЦБ обезбеди огромен капитал за ликвидноста на европските банки. Но и покрај тоа, дефицитите во Италија и во Шпанија пораснаа за 40 милијарди евра во секоја од нив. Одливот на капиталот, според експертите, е насилен индикатор дека инвеститорите не веруваат оти пакетите за помош ќе го постигнат саканиот ефект.
Исклучително е тешко да се сопрат тековните трендови на одлив на капиталот. Државите имаат најголемо влијание кога се работи за пари кои се префрлаат за да се одбегнат даноците. Грција, на пример, неодамна замрзна три сметки во Швајцарија кои му припаѓале на богат грчки бизнисмен. Но, министерот за финансии Венизелос признава дека е многу тешко да се разликуваат легалните од нелегалните трансфери.
Се чини дека поголемиот дел од одлеаниот капитал е оданочен според законот и им припаѓа на луѓе кои едноставно сакаат да си го заштитат своето богатство ако нивната земја посака или биде присилена да ја напушти еврозоната. Ако се случи тоа, заштедите автоматски ќе бидат префрлени во новата валута на земјата, со што ќе изгубат голем дел од вредноста.
„Богатите Грци и Италијанци инвестираат пари во странство веќе многу години“, вели банкарскиот експерт Мартин Фауст од франкфуртската Школа за финансии и менаџмент и додадава дека јужната периферија на еврозоната има долга традиција на финансиска нестабилност, што ги присилува луѓето да бидат претпазливи.
Загрозување на европскиот проект
Ако државите посакаат да воведат генерална забрана за префрлање на пари во странство, тие имаат многу мал избор, освен да ги ограничат трансферите на пари и да ги зголемат граничните контроли за да спречат шверц на пари во готово. Но, вели Фауст, тоа тешко дека ќе помогне и објаснува: „Таквиот чекор ќе дојде предоцна. Европската криза трае веќе многу долго и поголемиот дел од богатите веќе ги префрлиле своите пари на безбедни места. Ефектите од контролите на трансферот на капитал и на граничните премини ќе бидат многу мали. Згора на тоа, ограничувањата ќе имаат многу негативен ефект врз внатрешната трговија во еврозоната затоа што е тешко да се разликува кои пари се за трговија, а кои не“.
Има и уште еден, многу потемелен аргумент против воведувањето на рестрикции. Тоа ќе биде спротивно на слободите кои внатрешниот европски пазар ги гарантира – а тоа може да ја загрози и самата политичка унија.
„Процесот може да резултира во тоа да исчезне прифатливоста на европскиот проект во целост“, предупредува Фауст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

