Економија
Дојче банк ќе отвара трезор за златни прачки во Лондон
Дојче банк планира следната година во Лондон да отвори нов трезор за златни прачки за да ја искористи шансата што ја пружа наглиот раст на побарувачката на инвеститорите за физичко злато и сребро, пишува во вторник „Фајненшл тајмс“.
Дојче банк планира следната година во Лондон да отвори нов трезор за златни прачки за да ја искористи шансата што ја пружа наглиот раст на побарувачката на инвеститорите за физичко злато и сребро, пишува во вторник „Фајненшл тајмс“.
Во центарот на глобалниот пазар на златни прачки во Лондон снемува трезорски простор, а побарувачката расте бидејќи физичките племенити метали се користат како гаранција за сè поголемите износи на капиталот во оптек на берзата.
Клиентите се обидуваат да ја прошират лепезата на трезори во кои ги чуваат благородни метали, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Новиот трезор ќе го изгради и со него ќе управува логистичката компанија Г4С, објави весникот, повикувајќи се на извор од Дојче банк. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Стојаноски: Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера
Денешната блокада нема да ја спречи Владата да продолжи со заложбата за раст на платите. Напротив, ние ќе продолжиме да работиме на поголем економски раст од досегашниот кој ќе овозможи зголемување на сите плати во државата, а не само на минималната, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, од страна на раководството на ССМ нема ниту еден нов договор со кој тие самостојно избориле зголемување. Вели дека нема ниту една конкретна победа издејствувана преку преговори и смета дека работниците заслужуваат синдикален лидер кој ќе седи на маса и ќе договара проценти, рокови и гаранции.
„Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера преку конфронтација во име на трудот на работниците. Да бидам јасен: Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со Владата како посредник. Решението мора да биде одржливо за сите инволвирани, за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост. Популизам со говори е лесен. Потпишан договор што важи четири години значи сериозен пристап, предвидливост и одговорност кон сите чинители. Владата како работодавач ќе продолжи со системски зголемувања на платите, но и почитување на склучените колективни договори“, рече Стојаноски.
Тој вели дека ССМ ги напаѓа дека кога биле опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го поддржувала Синдикатот на протестите, а сега наводно тоа не било случај.
„Точно е, кога тие протестираа од 2020 до 2024 година, ние излеговме пред Собранието, пред Министерството за финансии, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Како што можете да видите на фотографиите, остварувавме бројни средби и кога бевме во опозиција, а особено тие средби се интензивираа откако ја преземавме власта. Ги поддржувавме и заедно спречивме многу штетни политики кои сакаше да ги имплементира тогашната власт. Го критикувавме тогашниот криминален систем на СДС и ДУИ, затоа што не ги почитуваше колективните договори и затоа што платите доцнеа со месеци. Но, ајде да ја поставиме суштинската разлика. Тогашното барање на ССМ беше линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен во јавниот сектор, што можете да го видите од амандманот којшто беше изготвен од нив, а поддржан од наша страна. Истовремено може да се види како на официјалната веб страна на ССМ тие дури и јавно ни се заблагодаруваат на нас, неколкумина, кои тогаш застанавме рамо до рамо со нив“, рече тој.
Денес, додаде Стојаноски, две години откако ја водиме државата, фактите се следни: во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари по вработен, вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46% до 60% повисоки примања во рок од четири години, вработените во високото обрасование добија покачување за минимум 14%, здравствените работници ќе добијат 40 до 50% повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада, полициските службеници добија 10% зголемување, социјалните работници добија 20% повисоки плати, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување преку посебни колективни договори, околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира покачување на платите за 40%, за 2 години и 3 месеци, кој трае до 2028 година, испочитувани се во целост сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше, во одбраната, културата и други институции и платите денес се исплаќаат редовно, без доцнење со месеци како што беше во времето на СДС и ДУИ.
Според Стојаноски, сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го барал ССМ, а уште поважно, додаде тој, до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето кое што сега го има Трендафилов.
„Сега прашањето е многу едноставно: Ако тогаш барањето беше 2.806 денари, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот? Вистината е следна: Ние како опозиција поддржувавме борба за повисоки плати затоа што имаше неправда. Денес, како власт, ние не ветуваме на улица, ние реализираме преку договори, проценти и потпишани колективни спогодби“, рече Стојаноски.
Економија
Божиновска потпиша меморандум за унапредување на енергетската транзиција, инвестициите и зелената економија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за разбирање со CFS Media & Advisory DOO, во чиј состав е вклучен порталот Balkan Green Energy News и регионалната конференција Београдски енергетски форум.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за поддршка за унапредување на енергетската транзиција, инвестициите и зелената економија, како и за зајакнување на регионалната соработка и поддршка на процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.
Меморандумот предвидува координирани активности за промоција на стратешките приоритети во енергетскиот сектор, размена на информации и искуства, поддршка на реформските процеси и унапредување на соработката со партнерите од регионот и Европската унија.
Божиновска нагласи дека воспоставувањето вакви партнерства претставува важен чекор кон зајакнување на институционалната соработка и унапредување на позицијата на државата во регионалните и европските енергетски иницијативи.
„Регионалната соработка и заедничкиот пристап кон развојот на енергетскиот сектор се клучни за обезбедување стабилен, одржлив и конкурентен енергетски систем. Благодарни сме за континуираната поддршка и професионалниот пристап во промоцијата на напредокот и реформите што ги спроведуваме. Транспарентноста и меѓународната видливост на реформските процеси во енергетиката се клучни.“ посочи министерката.
Во рамки на Меморандумот, Министерството ќе биде институционален партнер на регионалната енергетска конференција што ќе се одржи во Белград во мај 2026 година, со активно учество на највисоката делегација во програмските и работните активности.
Од страна на CFS Media & Advisory DOO беше истакнато задоволството од воспоставеното партнерство и подготвеноста за понатамошна поддршка на активностите насочени кон унапредување на енергетската соработка во регионот.
„Им се заблагодаруваме на министерката Божиновска и нејзиниот тим за укажаната доверба и за силното партнерство. Со овој Меморандум воспоставуваме јасна рамка за соработка во промоцијата на енергетската транзиција, инвестициите и регионалното поврзување,“ посочи сопственичката на Balkan Green Energy News, Бранислава Јовичиќ.
Меморандумот ја изразува заедничката определба за развивање на партнерство, засновано на заемна доверба, заеднички интерес и долгорочна визија за одржлив развој на енергетскиот сектор, истакнуваат од министерството.
Економија
УЈП: Завршија активностите за регистрација и доброволна дерегистрацијa на даночните обврзници за целите на ДДВ
Управата за јавни приходи информира дека завршија активностите за регистрацијата и доброволна дерегистрацијата на даночните обврзници за целите на данок на додадена вредност (ДДВ).
Рокот за поднесување на пријавите за регистрација и дерегистрација беше до 15 – ти јануари 2026 година.
Врз основа на поднесените барања за регистрација за ДДВ, во текот на месец јануари 2026, Управата за јавни приходи изврши регистрација на 1.199 даночни обврзници во системот на ДДВ за што се донесени исто толку решенија за задолжителна и доброволна регистрација за ДДВ. Во истиот период врз основа на барањата за доброволна дерегистрација, Управата за јавни приходи изврши прекинување на регистрацијата кај 231 обврзници за што се донесоа исто толку решенија за дерегистрација.
Воедно, Управата за јавни приходи ги потсетува новорегистрираните ДДВ обврзниците како и дерегистрираните ДДВ обврзници на нивните даночни обврски: ДДВ обврзници Во решението за регистрација за ДДВ, донесено од Управата за јавни приходи, наведен е датумот од кога започнува обврската за пресметување на данокот на додадена вредност, како и даночниот период во кој се поднесуваат ДДВ пријавите кој може да биде календарски месец или календарско тримесечје.
Даночните обврзници кои користат фискален систем на опрема (фискална каса) должни се веднаш по извршената ДДВ регистрација да се обратат до овластениот производител или сервисер од кого е набавена фискалната каса, со цел да се изврши ажурирање на истата, односно внесување на доделениот ДДВ број и на даночните стапки за ДДВ за секој одделен производ или услуга. Со стекнувањето на статус на ДДВ обврзник, даночните обврзници имаат обврска за извршениот промет на добра и услуги да издаваат фактури во кои посебно е искажан пресметаниот ДДВ, во согласност со законските одредби. Пресметувањето на ДДВ кој се должи или побарува за одреден даночен период се врши во ДДВ пријава (образец ДДВ-04). ДДВ обврзниците кои имаат залихи на добра наменети за натамошна продажба, а кои ги набавиле пред нивното регистрирање за целите на ДДВ, со исполнување на законските услови, имаат право на одбивка на влезниот ДДВ содржан во овие залихи.
Пресметаниот влезен ДДВ по овој основ, ДДВ обврзниците го пријавуваат еднократно, во првата даночна пријава на ДДВ, со пополнување на делот од ДДВ пријавата “ДДВ содржан во залихи на добра наменети за натамошна продажба пред регистрација за целите на ДДВ”. ДДВ пријавата се поднесува во рок од 25 дена по истекот на даночниот период. Пресметаниот ДДВ долг во ДДВ пријавата, ДДВ обврзниците имаат обврска да го платат најдоцна до крајниот рок за поднесување на ДДВ пријавата, односно најдоцна до 25-ти по истекот на даночниот период.
Дерегистрираните ДДВ обврзници, имаат обврска да извршат исправка на одбивката на претходните даноци за сите инвестициски добра за кои се уште не завршил соодветниот период на исправка, како и на одбивката на претходните даноци на затечените залихи на добра наменети за натамошна продажба, а за кои при набавката било искористено правото на одбивка, односно треба да го вратат (платат) одбиениот ДДВ. Исправката на одбивката на претходниот данок се искажува во ДДВ пријавата за последниот даночен период во кој биле регистрирани за ДДВ. Исто како и кај ДДВ обврзниците, и за дерегистрираните обврзници кои користат фискален систем на опрема (фискална каса) должни се веднаш по извршената дерегистрација за ДДВ да се обратат до овластениот производител или сервисер од кого е набавена фискалната каса, со цел да се изврши ажурирање на истата, односно ДДВ бројот и даночните стапки за ДДВ за секој одделен производ или услуга кои се внесени во фискалната каса да се избришат. Ги повикуваме сите даночни обврзници доследно да ги почитуваат законските обврски со цел навремено и правилно исполнување на даночните обврски.

